На денешната прес-конференција, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ призна дека не може да спие од Зоран Заев. Тој направи пресек на работата на владината коалиција предводена од Зоран Заев кој го објави првиот владин состав на 1 јуни 2017 година.
„Четири години украден живот на народот, тргување со идентитет, име и нација, многу криминал и неправда“, рече Мицкоски.
„Клика од 30-ина силно криминализирани типови ја имаат запоседнато целата држава, но и самиот СДСМ. Рашковски, кој Заев толку го брани, не е причина за криминалот, тој е последицата. А имињата како Ден Дончев, Вице , Трајче, Ковачевски, Кирацовски, Николовски и другите чувари на криминалот во судството и обвинителството се само слуги на Заев во сомнежите за криминал и украден живот“, изјави Мицкоски.
Мицкоски зборуваше за тоа дека нема постигнувања во ниту една област во општеството и државата.
Мицкоски побара оставка од Заев.
„Одговорноста за смена на власта е на опозицијата и јас со таа одговорност заспивам и се будам. И ќе продолжам да се борам, но секој еден е важен во борбата за иднината на Македонија. Мафијата мора да биде на колена и спроведена пред лицето на правдата, доста е!“, рече Мицкоски, меѓу другото.