пишува: Коста Стоименовски
Последната комунистичка гарнитура во Социјалистичка Република Македонија (СРМ) покажа големо чувство за одговорност пред историјата. Согледа дека идејата за комунизмот како идеологија и социјализмот како систем се покажаа неуспешни и не само што не презедоа какви било мерки за нивното понатамошно опстојување, туку даде огромен придонес за трансформација на системот. Подготви закони за премин на плуралистички политички систем, донесе Уставен закон, закон за политички партии и слично. По завршувањето на подготвителните работи за воведување на парламентарна демократија, оваа гарнитура едноставно доброволно се повлече, што се покажа како голема грешка, бидејќи се работеше за искусни политичари, кои можеа да дадат голем придонес за успешна трансформација на системот!
По донесувањето на Законот за политички партии се пристапи кон забрзано регистрирање на политичките партии. Единствена работа за која може да им се забележи на овие политичари е тоа што дозволија формирање на политички партии на етничка основа! По регистрацијата на политичките партии, на 11 ноември 1990 година се одржаа првите парламентарни избори во СРМ. И покрај некои аномалии, како што беше случајот со бугарските летоци, овие избори и претседателските избори што се одржаа во 2019 година можат да се оценат како најрегуларни во историјата на самостојна Република Македонија (по ново РСМ). На првите парламентарни избори најголем број пратенички места освои партијата ВМРО-ДПМНЕ (39). Со натурање на идејата за експертска влада беше нанесен тежок удар на функционирањето на парламентарната демократија. Согласно принципите на парламентарната демократија, мандатот за состав на влада требаше да го добие победничката партија, односно ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на неподготвеноста на оваа партија за коалицирање со партијата на Албанците од Македонија ПДП, ВМРО-ДПМНЕ не ќе можеше да формира влада, така што мандатот ќе го добиеше второ пласираната партија СКМ-ПДП. Треба сепак да се признае дека првиот парламентарен состав, со експертската влада и владата на СДСМ, завршија голема работа со организирањето на Референдумот за осамостојување на Македонија и со усвојувањето на Уставот на Република Македонија. Албанците од Македонија не излегоа на Референдумот и не гласаа за усвојување на Уставот!
Во 1994 година се одржаа парламентарни и претседателски избори. На основа на бројни индикации, може да се каже дека овие избори, а посебно претседателските избори, беа најнерегуларни во историјата на самостојна и плурална Македонија! На овие избори учествував како независен кандидат за пратеник во тогашната 24-та изборна единица, така што имав можност да согледам многу изборни нерегуларности.
Тогаш, за прв пат, почна да се зборува за „бугарски воз“, а имав можност да се уверам во постоењето на списоци, подготвени од владејачката партија, со фиксирани 15-20 гласачи за вработување! Поради изборните нерегуларности по првиот изборен круг од изборите, се повлекоа двете најголеми опозициски партии, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија. Изборите резултираа со формирање на влада без вистинска опозиција во Собранието! Обидот со отстранувањето на Либералната партија од владината коалиција да се создаде опозиција се покажа неуспешен! Вонпарламентарните партии ВМРО-ДПМНЕ и ДП, во 1996 година собраа 218 илјади потписи за одржување на Референдум за предвремени парламентарни избори, но власта не дозволи да се одржи Референдум, со образложение дека „тоа било мошне сериозно прашање“!?
Користејќи ги состојбите во регионот, македонската власт успешно ја манипулираше и меѓународната заедница со тврдењето дека доколку опозицијата дојде на власт ќе започне војна во Македонија (!?). Во време на шестгодишното владеење на СДСМ започна криминалната приватизација, која ја продолжи и владата што дојде по парламентарните избори во 1998 година, така што на тој начин беше направен „економски геноцид“ (опозицијата во Црна Гора) во државата! Значајно би било да се нагласи дека во владеењето на СДСМ беа направени дилетантски грешки во надворешната политика, посебно во спорот со Грција околу името на нашата држава, кој скоро три децении ги оптоваруваше односите меѓу двете соседни земји и беше сериозна пречка на патот на нашата држава кон евро-атлантските организации!
Во 2001 година се случи воен конфликт, за кој сѐ до сега нема конкретен и издржан одговор зошто се случи!? Поранешната власт вината за овој конфликт им ја препишуваше на национализмот на партиите што дојдоа на власт по изборите во 1998 година. Меѓутоа, имајќи предвид дека конфликтот финишира со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и промена на Уставот на РМ, оваа теза паѓа во вода, така што може да се каже дека воениот конфликт беше последица на уставната криза во државата! Тоа покажува дека причините за воениот конфликт во 2001 година треба да се бараат во аномалиите во Уставот на РМ, кој беше подготвен од македонските „уставотворци“, кои Уставот го „стокмија“ по примерот на Уставот на српскиот лидер С. Милошевиќ! Во септември 1990 година, екипа на српски правници на чело со Ратко Марковиќ, на состанокот што се одржа на Жабљак, го напишаа Уставот на СР Србија, кој популарно беше наречен „Жабљачки устав“. Овој устав го купив во времето кога бев во Белград. Уставот на РМ беше усвоен во македонското Собрание на 17 ноември 1991 година. Споредувајќи ги уставите на двете земји констатирав дека македонските „уставотворци“, по моја слободна процена, препишале околу две третини од Уставот на Србија, изоставувајќи ги разбирливо одредбите кои се однесуваат на автономните покраини Косово и .Војводина! Најголем број членови од српскиот устав едноставно се преведени и внесени во Уставот на РМ, додека некои членови се внесени со мали козметички дотерувања! Грешките што беа направени, поради игнорирањето на реалностите во Македонија, македонските „уставотворци“ ги поправија при изготвувањето на ОРД, кој беше потпишан на 13 август 2001 година, а одредбите од овој договор подоцна беа внесени и во Уставот на РМ!
По истекот на мандатот на првиот претседател на РМ, во 1999 година се одржаа претседателски избори кои тогашната опозиција ги оспори со тврдењата за изборни нерегуларности! По трагичната авионска несреќа кај Мостар во која загина претседателот на РМ Б. Трајковски, 8 члена на делегацијата и екипажот на авионот, во 2004 година се одржаа третите претседателски избори на кои победи кандидатот на СДСМ Б. Црвенковски.
Парламентарните избори кои се одржаа во 2002 година доведоа до смена на власта. На власт се врати СДСМ, што беше охрабрувачки знак дека, со воспоставената практика за редовни смени на власта, демократијата во РМ дефинитивно ќе почне да функционира на вистински начин.
Парламентарните избори кои се одржаа во 2006 година, исто така, доведоа до смена на власта. На власт се врати ВМРО-ДПМНЕ, која, за жал, со својата националистичка и популистичка политика успеа да воспостави диктаторски режим, кој имаше разработен изборен инженеринг, со помош на кој редовно победуваше 11 години, со неприкриени желби и амбиции за вечно владеење!
По парламентарните избори што се одржаа во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ, иако освои најголем број пратеници, не успеа да формира влада, но и покрај тоа, со цел по секоја цена да остане на власт, вршеше невидени опструкции околу преземањето на власта од страна на СДСМ и коалициските партии, кои имаа мнозинство, што кулминира со крвавите настани на 27 април!
За владеењето на оваа партија имам напишано голем број колумни, кои се објавени во мојата книга „Заробена наместо препородена“.
15 мај 2019
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.