Хрватска денеска на граничниот премин Маљевац кон Босна и Херцеговина постави висока метална заштитна ограда, која треба да ги спречи мигрантите илегално да влезат во земјата.
„Министерството за финансии како надлежно тело за изградба и одржување на граничните премини, на барање на министерството за внатрешни работи на Република Хрватска, постави на 10 јуни 2019 подвижна физичка бариера (ограда) на граничниот премин Маљевац бидејќи во Шенгенскиот каталог на ЕУ за надзор на надворешните граници, враќањето и повторното прифаќање е наведено дека „граничните премини и непосредното околно подрачје треба технички да се надгледуваат, а граничните проверки и надзорот треба да бидат осветлени. Граничните премини, по правило, треба да бидат одвоени со ограда, а исклучоци може да се направат во случај на гранични премини за локален граничен сообраќај“, соопшти хрватското министерство за внатрешни работи.
Од граничната полиција на БиХ велат дека хрватското Министерство за внатрешни работи денеска ги известиле дека ќе има краткотраен прекин на сообраќајот, поради поставување на оградата.
Оградата есо шилци и е висока 3 метри. Голем број мигранти кои престојуваат на подрачјето на Унско-санскиот кантон, кај Велика Кладуша, веќе неколку пати се обидоа да поминат преку граничниот премин Маљевац, со цел да влезат на просторот на Европската унија.