Со 130 гласа „за“ албанскиот парламент го ратификуваше пристапниот Протокол за членството на Република Северна Македонија во НАТО, а пленарната седница започна со eдноминутен молк во знак на жртвите од сообраќајната несреќа на автопатот Скопје-Тетово.
Спикерот Грамоз Ручи изрази задоволство што албанскиот Парламент е меѓу првите парламенти што го ратификува овој протокол и дека ова не би било можно без политичката волја и храброст и еманципација на Албанците на Северна Македонија.
„Овој голем чекор беше овозможен преку Преспанскиот договор. Парламентите на двете земји покажаа голема политичка одговорност, разбирајќи дека недоразбрањето го чуваше во заложништво пријателството меѓу двете земји, како и евроатланскот пат на Северна Македонија“, додаде Ручи.
На седницата присуствува и претседателот на македонскиот Парламент, Талат Џафери, и амбасадорот Данчо Марковски.
Прва земја која го ратификуваше Пристапниот протокол за НАТО на Северна Македонија во НАТО беше Грција со 153 гласа „за“, 140 „против“ и еден воздржан.
Словенија беше втората земја-членка на Алијансата која го ратификува Пристапниот протокол за НАТО на Северна Македонија во НАТО. Од присутните во собранието позитивно се изјаснија 72 пратници, додека 12 пратеници беа против.
Пристапниот протокол за НАТО на Северна Македонија во НАТО треба да помине во парламентите на останатите земји членки на НАТО, со што Северна Македонија ќе стане 30 членка на Алијансата.
А. Петровска