Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, и по вторпат одбива да се „замрзне“ имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако најпрвин судија на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство, со образложение дека не е доставен транскрипт на прислушувани разговори кои покажуваат дека е сторено кривично дело и дека имотот на партијата е стекнат на криминален начин, сега и Судот не видел доказ во барањето на СЈО, кое овој пат ги доставило и договорите од јавните набавки за да се докаже дека партиското седиште е изградено со елементи на кривично дело. Така, и по вторпат е одбиено барањето на СЈО за случајот „Талир“, во кој Никола Груевски и други високи партиски функционери се осомничени за перење пари и за нелегално финансирање на партијата.
Во соопштението на судот се вели дека во врска со барањето на СЈО на седница на 27 мај е донесено решение со кое се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка и дека судот не ја определува предложената привремена мерка – Забрана на отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека.