Премиерот и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска го ажурираше своето членство во СДСМ. Според најавите од оваа партија, овие денови волонтери и активисти на СДСМ ширум целата земја ќе му пристапат на секој член, офлајн или онлајн, со покана да го ажурираат своето партиско членство.
Со ова и официјално почнува подготовката за избор на претседател на партијата преку непосредни избори каде право на глас ќе има секој член. Ова се случува за прв пат во историјата на земјата.
„На 21 март членовите на СДСМ ќе бираат лидер на партијата на директни внатрепартиски избори, што е водство и пример што треба да се следи кога е во прашање македонската демократија. СДСМ е прва партија каде секој член има право да го избира својот Претседател на директни избори. Ги повикувам сите членови на СДСМ да го ажурираат членството, во општинските организации или онлајн и заедно да ја реализираме оваа прогресивна внатрепартиска постапка” – објави Заев на социјалните мрежи.
Заев ги повика и сите поддржувачи на политиките на СДСМ да пријават интерес за членство на веб страницата на партијата.
„СДСМ победува и СДСМ се менува, се подобрува, за подобро да им служи на граѓаните!“ – напиша Заев.
СДСМ е првата политичка партија и меѓу ретките во поширокиот регион која избира претседател на непосредни избори. Ова е голем чекор за партијата која започна сериозни реформи во своите редови. На последните парламентарни избори во 2020 година, СДСМ беше единствена партија која имаше правична застапеност на жените со 50% во листите на кандидатите за пратеници.
Во интервју за ТВ24, Заев изрази надеж дека и другите политички партии во земјава ќе го следат примерот на СДСМ.
А. Зеќири