Игор К. Илиевски
Од годинава, сумата за пензии е трипати поголема и, покрај предвремено пензионираните, ги опфаќа сите воени пензионери.
– Поголем дел од членките на НАТО во трошоците за персоналот ги прикажуваат и трошоците за сите пензии на воените лица.Ако веќе правиме буџет од 2 отсто од бруто-домашниот производ, тогаш редно е во него да ги предвидиме и сите трошоци на одбраната – вели изворот.
Членките на НАТО имаат различни механизми за исплата на пензии на воените лица. САД до 1984 година ги исплаќале од буџетот за одбрана, а во финансиските документи на НАТО покрај името на Бугарија редовно стои фуснота дека во буџетот за одбрана не ги пресметува пензиите. Но, според номенклатурата на НАТО на трошоци на одбраната, Алијансата ги пресметува пензиите и на воениот, и на цивилниот персонал во одбраната како трошок за одбрана.
Иако има одредена сума, засега нема прецизен број на пензионирани воени лица. Според сегашниот сооднос на предвремено пензионирани старешини и сумата која досега се издвојувала, груба проценка покажува дека сега во „воениот пензиски фонд“ ќе бидат опфатени 1.200-1.500 лица.
– Формираме работна група со Министерството за труд и социјална политика и со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување која треба да ги утврди сите воени лица, пензионирани од 1992 година и да ги стави во оваа група. Парите ќе ги добиваме од Министерството за финансии, наместо да отидат во ПИОМ ќе дојдат во буџетот на МО. Сумата догодина можно е да се зголеми – вели изворот кој тврди дека за оваа операција нема потреба од законски измени.
Пензиите не се единственото зголемување на трошоците за персонал. Годинава, најмногу поради новите вработувања на професионални војници, за 224 милиони денари или околу 3,6 милиони евра е зголемена и ставката за плати и надоместоци.Но, вкупното зголемување на буџетот на Министерството за одбрана му ја олеснува задачата која му претстои, да ја смени структурата на буџетот и да ја прилагоди на препораките на НАТО за оптимално функционирање.
Прочитајте повеќе: АРМ со нови „фондови“ за пензии и оружје и нови правила за трошење
Утре ќе читате: Речиси 25 милиони евра за опрема која ќе се набавува долгорочно