Советот на јавни обвинители со мнозинство гласови го прифати предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Предлогот оди во Собранието. Минатиот понеделник, Владата реши да поведе постапка за разрешување на Зврлевски со образложение за незаконско и ненавремено извршување на функцијата.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски денеска изјави дека членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјасниле по предлогот на Владата за разрешување на Зврлевски и оти мислењето уште денеска ќе го достават до Владата. Според законот, Советот на јавни обвинители мислењето треба да го врати до Владата, за потоа предлогот за разрешување да биде испратен до парламентот.
Претседателот на Владата, Зоран Заев два пати јавно го повика обвинителот Марко Зврлевски да поднесе оставка. Но, откако не го стори тоа, Владата поднесе барање до Советот на јавните обвинители за негово разрешување поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата.