Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, бил приведен по пријава за семејно насилство, потврдија полициски извори за Бугарското национално радио, јави дописникот на МИА од Софија.
За време на увидот од бугарската полиција било утврдено дека тој бил баран од Интерпол. Игор Спасов влегол во Бугарија од Турција пред извесно време.
Бугарското Министерство за внатрешни работи за дописникот на МИА потврди дека Игор Спасов е приведен од бугарската полиција во понеделникот, но не сакаше да каже каква ќе биде постапката понатаму.
„Откако добивме информација од министерство за внатерешни работи на Бугарија дека е приведен Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешковски, веднаш го информиравме Министерството за правда на РСМ и сега целиот случај за екстрадиција на Спасов го презема нашето министерство за правда. Кога ќе завршат административните обврски ќе биде донесен во нашата држава за да ја одлежи казната“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на прославата на победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето.