пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Не знам дали е тоа направено ненамерно (од незнаење, немарност, …), или намерно (со цел да се внесе конфузија меѓу граѓаните и да се дефокусира вниманието), меѓутоа, употребата на терминот Рекет за постапките кои се водат пред Јавното обвинителство во врска со Боки 13, Катето СЈО и редица бизнисмени осомничени или обвинети или со мувата на капата за сторени поголеми или помали прекршувања на законот, е правно несоодветен.
Имено, рекетот во принцип е изнуда, или, може да се подведе под членот 258 од Кривичниот законик. Според овој член ќе се казни тој кој сака да прибави противправна имотна корист со тоа што некому ќе се закани или некого ќе присили да направи или да не направи нешто што е штетно за неговиот имот. Во ова дело на едната (и само на едната страна) има употреба на сила со која што некој толку се заплашува што плаќа пари само да биде оставен на мира. Тој кој што е изнудуван во принцип не го прекршил законот, а изнудата ја плаќа затоа што е заплашен.
Кога некој направил нешто нечесно, неморално, нешто што доколку се знае би го нарушило неговиот углед (што воопшто не мора да биде прекршување на законот, меѓутоа може да повлече осуда на средината), и некој му се заканува дека доколку не му исплати одредена сума пари ќе ги изнесе на виделина работите кои ги дознал, ќе се подведе под членот 259 од Кривичниот законик – Уцена. Според овој член, ќе се казни тој кој добива противправна корист со тоа што се заканува дека за некого или лице блиско до него, ќе открие нешто што може да наштети на неговата чест или углед.
Во случајот кој во јавност е познат како “Рекет“ станува збор за дело кое може да се подведе под членовите 357 и 358 (примање и давање поткуп). За поткуп се виновни и двете страни. Едната страна, која прима поткуп за да изврши службено дејствие кое не би смеела да го изврши и втората која дава поткуп со цел одредено службено лице да изврши службено дејствие кое не би смеела. Според овој член, судот може да го ослободи од казна сторителот кој дал или ветил поткуп по барање од службено лице и тоа го пријави пред да дознае дека делото е откриено. Тоа значи дека тој од кого се бара поткуп може да го пријави делото (до надлежен правосуден орган, не до премиер или претседател на политичка партија) и во тој случај судот може (не мора) да го ослободи од казна за давањето поткуп (и само за тоа).
Во случајот наречен “Рекет“ може да стане збор за уцена или за потку, но не и за изнуда. Во овој случај најмногу станува збор за обвинети, осомничени или оние кои си ја имаат мувата на капата, за големи прекршувања на законите кои биле спремни да дадат големи суми пари за поткуп со цел избегнување на прогон, судење и казна. Гонењето или ослободувањето од гонење за поткуп, нема никаква врска со нивните прекршувања на законите за кои процедурите мора да продолжат на ист начин како и да не бил даден поткупот. Давањето на поткупот дури може да се земе како индикатор на вината на тој кој што го дал.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.