• Latest

Информациско војување: На што се должи големиот успех на руската пропаганда?

April 17, 2023
Фото: Твитер

Започнува масовното производство на украинските беспилотни летала-пресретнувачи „Октопус“

November 15, 2025
Фотоколаж: Скриншот од time.mk и видео на baku.tv

Репетитивното објавување на изјавите на Песков – императив на некои македонски медиуми

November 15, 2025
Last Crude Oil Tanker at Shell Haven - geograph.org.uk - 605835.jpg Фото: wikimеdia commons

Ројтерс: Иран потврди дека е запленет танкер со петрохемиски товар

November 15, 2025
Фото: Скриншот од видео на ВВС

Американската војска планира поделена Газа со „зелена зона“ обезбедена од меѓународни и израелски трупи

November 15, 2025

Град Скопје воведува нов режим за изнесување отпад: ноќна забрана и казни до 50 евра

November 15, 2025
Фото: Ј. Ѓорѓиоски. Фронтлајн

„Марш за ангелите“ денеска во 12:05 во Скопје

November 15, 2025
Креирано со помош на ВИ

Судството под меѓународна лупа – меѓу критики и политичка одбрана

November 15, 2025

Поранешниот министер за правда Кренар Лога се повлекува од партиските функции во АА

November 14, 2025
Foto: Wikimedia Commons

ОН: Само во октомври повеќе од 260 напади врз Палестинци во Западен Брег

November 14, 2025
Американските воздушни сили, USAF (Photo by Hans Dorries on Unsplash)

САД одобрија продажба на воени авиони и делови на Тајван во вредност од 330 милиони долари

November 14, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Информациско војување: На што се должи големиот успех на руската пропаганда?

Руската пропагандна офанзива е успешна, судејќи и по документите на Пентагон, што протекоа на социјалната мрежа Дискорд. Но тие документи и не мораше да бидат обелоденети за да се извлече тој заклучок.

April 17, 2023 09:00
in АНАЛИЗИ, ВОЈНА ВО УКРАИНА, ПРОПАГАНДА, СВЕТ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter
  • Со што се гордеат руските пропагандисти?
  • На што се должи успехот на дезинформациските способности на Русија?
  • Неславната улога на Елон Маск: Неговиот Твитер, за пари, прогласува измамници за веродостојни извори
  • Тајната на технолошките гиганти
  • Овој текст е дел од серијалот „Крвави геостратешки игри“

ЏАБИР ДЕРАЛА

Исходот на изборните, политичките, економските, општествените и други процеси, зависат од квалитетот, брзината и веродостојноста на информациите. Нема да откриеме ништо особено ново, ако кажеме дека и војната зависи од многу повеќе фактори отколку само од количеството на куршуми, бомби и ракети што ја погодиле својата цел. Така било отсекогаш, тој што знае како да ја (зло)употреби информацијата, тој е може да смета на предност и на бојното поле.

Во дигиталната ера, информациите се имаат највисока вредност во напорите да се постигне целта, без оглед на тоа дали е мирнодопска или воена. Информациите, точни или не, имаат потенцијал да ги одредат курсот и судбината на цели нации. Дезинформациите се разорно оружје. Кога тие ќе фатат корен, тие дејствуваат како отров за општеството.

И медиумите, и социјалните мрежи и новите комуникациски платформи, се клучни во одредувањето на сфаќањата за минатото и сегашноста, и очекувањата од иднината. Како сето тоа се отсликува на сегашните состојби во светот?

Протечените документи од Пентагон; докази за успехот на руската пропаганда

Русија, со стотици илјади лажни онлајн профили, со голем успех ги пласира лагите за војната во Украина, за сопствените воени потенцијали (колку и да ги нема) и за сѐ што може да ѝ донесе предност, па дури и на темата за ефектите од Ковид-вакцините.

„Руската влада стана многу поуспешна во манипулирањето со социјалните медиуми и пребарувачите отколку што тоа беше познато порано, со распространување на лагите за војската на Украина и несаканите ефекти од вакцините, преку стотици илјади лажни онлајн профили, според документите што неодамна протекоа на апликацијата Discord“, пишува Вашингтон пост на 16 април.

Колку тоа е точно, докажуваат илјадниците анализи и медиумски прилози од секој агол на планетата, каде што неуморно се анализираат сите аспекти на оваа глобална информациско-разузнавачка афера. Универзитети, тинк-тенк организации, воени аналитичари, новинарски и истражувачки тимови од целиот свет, секојдневно излегуваат со детали и анализи за податоците што протекоа од Пентагон неодамна.

Одговорот на Дискорд

„Она што е јасно е дека неовластено откривање на доверливи владини документи ги прекршува Условите за користење на Discord, кои забрануваат објавување нелегална содржина на нашата платформа“, напиша шефот на правната служба на Дискорд, Клинт Смит, на 14 април.

Дискорд ја отстрани содржината на протечените документи, ги укина корисничките сметки и соработува со истрагата што ја водат ресорите за одбрана и правда во Стејт департментот на САД.

„И додека еден осомничен е уапсен, ние продолжуваме да ја спроведуваме нашата внатрешна истрага за овие настани“, пишува Смит.

Но штетата е веќе направена. Документите се во оптек. Го нема Груевски да ги забрани. А се чини дека протечените документи и податоците што беа обелоденети се критични и, во одредена смисла, дури и ги засенија грозоморните вести од вистинското боиште во Украина.

Со што се гордеат руските пропагандисти?

Во еден од документите што протекоа, се наведуваат цитати од руските онлајн пропагандисти кои се гордеат со фактот дека администраторите на социјалните мрежи успеале да откријат само еден процент (1%) од нивните лажни профили.

Според сторијата на Вашингтон Пост, тоа тврдење „предизвика тревога кај поранешните владини функционери и експерти во и надвор од компаниите за социјални медиуми контактирани за овој напис“.

„Гугл, Мета и другите се обидуваат да го спречат ова, а Русија се обидува да се подобри. Бројката што ја наведувате сугерира дека Русија победува“, изјави Томас Рид за Вашингтон Пост, експерт за дезинформации и професор на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс. Тој во изјавата вели и дека тврдењето од еден процент е веројатно претерано или погрешно.

Според една анализа (протечена на Дискорд) на која нема датум, што се однесува на високата ефективност на руската пропаганда на Твитер, Јутуб, ТикТок, Телеграм и други платформи кон крајот на 2022 година, очигледно му била претставена и на военото водство на САД. Се работи само за еден дел од мноштвото документи што протекоа од Дискорд.

Да се потсетиме: Техничарот на воздушната национална гарда, Џек Тешеира е уапсен на 14 април, под сомнение дека извршил кривични дела поврзани со земање и пренесување на доверливите документи. Доколку се докажат овие обвиненија на суд, тој се соочува со 15 години затвор.

Апсењето на Џек Тешеира, 14 април 2023 (скриншот од снимка објавена на Си-ен-ен, непосредно по акцијата на американскиот ФБИ)

На што се должи успехот на дезинформациските способности на Русија?

За успехот на дезинформациските способности на Русија заслужни се, меѓу другите, и новиот соственик на Твитер, Илон Маск, како и дел од Републиканците во Конгресот и други десничарски структури во САД и низ светот. Тие ја обвинија Федералната влада за дослух со технолошките компании, чија цел, наводно била да ги потиснат „десничарските и независните ставови“, прикажувајќи премногу сметки како руски обиди за странско влијание.

Тоа најмногу се однесува на политичката и медиумската битка што се одвиваше во првата половина на 2022 година во САД, по формирањето на Бордот за борба против дезинформациите во април 2022 година. Тоа владино меѓусекторско тело беше „паузирано“ само три недели откако беше формирано. Експертката за борба против дезинформациите и хибридното војување, Нина Јанковиц, претходно назначена за прв човек на тој борд, даде оставка, опишувајќи го искуството со хајката против неа како „надреално искуство“ (Politico). Веќе во август истата година бордот беше и распуштен.

Распуштањето на бордот уследи како последица од жестока и координирана кампања што ја предводеа Републиканците и други десничарски структури низ САД, насочена кон дискредитација на Јанковиц, Бордот за борба против дезинформациите и администрацијата на Претседателот Бајден.

Во меѓувреме, по неуспехот на администрацијата на Бајден да формира институционален капацитет за борба против дезинформациите, руската пропаганда добива замав. Десничарите имаат голема „заслуга“ за тоа.

Неславната улога на Елон Маск: Неговиот Твитер, за пари, прогласува измамници за веродостојни извори

И вработените во Твитер изразија загриженост дека намалувањето на бројот на вработени, како и други постапки на новиот сопственик, Елон Маск, ѝ наштетиле на способноста на платформата да се бори против дезинформациите и другите операции за постигнување на влијание. Пропагандните кампањи и говорот на омразата се зголемени откако Маск го презеде Твитер во октомври, минатата година. „Птичката е ослободена“, твитна Маск кога го презеде Твитер за 44 милијарди долари.

Профилите на Твитер што ја шират пропагандата на Кремљ го искористија и новиот „систем за верификација“ на Твитер (кој може да се плати!) со кој содржините може да добијат сина ознака (дека се проверени). Тоа беше само уште еден знак дека преземањето на Илон Маск го забрзува ширењето на дезинформациите и пропагандата. Во една прилика, Маск твитна дезинформација за тоа дека илјадници војници на НАТО загинале во Украина, додека вистината е дека НАТО таму нема испратено ниту еден војник.

Истражувањата покажуваат дека напливот на дезинформации се должи токму на тоа што, со новата pay-to-play политика на Елон Маск, анонимни профили можат, едноставно, да купат верификација на нивните објави, што им овозможува подобра позиција во пребарувањата, цитирањето и одговорите.

Елон Маск е тој што им даде неограничен простор на профилите кои ја шират пропагандата на Кремљ за конфликтот во Украина и водат отворена воена пропаганда. Главниот профил на Раша Тудеј на Твитер има 3 милиони следбеници носи сина ознака, што значи дека е веродостоен, а не измамнички профил. За разлика од тоа, други, навистина веродостојни профили на Твитер – немаат таква ознака!

Тајната на технолошките гиганти

Затоа, дури и ако се претерани самофалбите на руските пропагандисти дека само еден процент од нивните профили на социјалните мрежи се откриени, еден факт е непобитен: Русија стана многу повешта во ширењето на својата пропаганда отколку во 2016 година, кога комбинираше електронски ботови со вистински пропагандисти и хакери во операцијата со која се обиде да изврши влијание врз исходот од претседателските избори во САД. Еден од центрите за ширење дезинформации во контекст на американските избори во 2016 година беше и Велес во чие функционирање беа вмешани руски разузнавачки оперативци.

Тоа што се објавува на интернет медиумите, социјалните мрежи и комуникациските платформи го преземаат водството во постигнување влијание во светот. Ставовите и јавната свест се обликуваат на интернет платформите, како за културата и забавата, така и за актуелните настани и процеси, за политиката, војната и мирот во светот. Една од најголемите тајни во светот се токму алгоритмите што ги креираат големите технолошки гиганти, а кои ги користат маркетинг компаниите, владите и другите центри на политичката, финансиската и воената моќ.

Документите од Пентагон и не мораше да протечат за да дојдеме до истиот заклучок: Русите бележат голем успех во креирањето и ширењето на дезинформациите и пропагандата. Нивниот успех не креира опасност само за украинската борба за слобода, туку и за демократијата, мирот и стабилноста во целиот свет.


Илустрација: “Disinformation Warfare” – Patrick Chappatte
Илустрацијата е објавена со љубезна дозвола од CHAPPATTE.COM. Не е дозволено понатамошно преземање на илустрацијата.
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Скриншот од видео на ДИК

    Локалните избори 2025 се официјално и конечно завршени, објави ДИК

    307 shares
    Share 123 Tweet 77
  • „Ние сме далеку пред Албанија“ – Зошто оваа изјава на премиерот Мицкоски е важна за европската приказна на Северна Македонија

    121 shares
    Share 48 Tweet 30
  • Изгледа гатачката на Грујо ја вратиле во Царина, Мицкоски почна да споделува вести од иднината

    114 shares
    Share 46 Tweet 29
  • Богати странци плаќале по 80.000 фунти за „сафари викенд“ за да убиваат цивили за време на опсадата на Сараево

    102 shares
    Share 41 Tweet 26
  • Локалните избори во Косово Избори без апсолутен победник, но со пораки за партиите

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ