Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), до политичките партии и државниот врв достави иницијатива за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација.
Дописот е пратен до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Целта на оваа иницијатива е да ги поттикне политичките партии во рамки на своите предизборни активности да стават акцент на дигитализацијата, односно да се обврзат на заедничко, брзо и ефикасно спроведување на овој процес од интерес на граѓаните.
„Процесот на дигитализација одамна е избор, како и обврска за секое општество која сака да напредува во општествено – политичките, економските и другите процеси. Токму воведувањето на ефикасна дигитализација во секоја сфера од живеењето ги унапредува можностите на граѓаните, бизнис секторот, медиумската слобода и независност, го поддржува граѓанскиот сектор и неселективно го штити заедничкиот јавен интерес… Независно кои од политичките партии ќе освојат мнозинство во Собранието и ќе ја состават Владата, процесот на дигитализација не треба да биде ексклузивен само за владејачкото мнозинство“, се вели во дописот.