Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ по нелегално објавената снимка за независниот пратеник, Павле Богоевски, ќе поднесе иницијатива до Собранието, сите пратеници доброволно да направат тест за (зло)употреба на наркотични средства. Бараат од Собранието во понеделник, да овозможи услови и лекарски тим кој ќе може ова да го спроведе.
„Предлагаме и другите политичари, актуелни и поранешни функционери, аднинистративни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници, да ни се придружат во намерата и на нашите граѓани да им дадеме добар пример во борбата против (зло)употребата на наркотични средства. Ги поттикнуваме сите вршители на јавни функции да го направат истото доброволно“, велат од независната пратеничка група.
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, најави дека ќе поднесат иницијатива за таканаречен „ветинг“, односно контрола за секој пратеник или функционер којшто врши јавна дејност, како што се судии и обвинители, за контрола во врска со користење наркотици, но и учество во криминал и корупција.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека нема уставна ниту деловничка основа да покрене постапка во случајот со пратеникот Павле Богоевски и очекува ефикасно постапување на надлежните институции за целосно расчистување на случајот.
„Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, секогаш кога според Уставот и Деловникот на Сoбранието е должен да постапува, презема конкретни иницијативи и мерки кои се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собрането очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот“, се наведува во ставот соопштен од кабинетот на Џафери.