ЦИВИЛ Медиа разговараше со Зоран Мијалков од граѓанската иницијатива „5 до 12“ кој, преку својата лична приказна, како родител на дете со аутизам, се обиде да ни ја доближи кампањата за јакнење на јавната свест за лицата со посебни потреби.
Неговото искуство зборува за неприфаќањето на децата со аутизам, за дискриминацијата, како и за игнорантскиот однос на институциите што е понижувачки и мачен и за децата и за родителите.
„На моето дете, на 6 години му се дијагностицираше аутизам. Претходно, ни кажуваа дека нешто со нас не е во ред, детето ни е добро. Нашите деца со аутизам се убави деца, убаво изгледаат, меѓутоа, не зборуваат“, изјави Мијалков.
Протестите и кампањата за помош и поддршка на лицата со посебни потреби нема да запре, а како што најавува Мијалков, се надева дека за предлогот за промена на законите кои се однесуваат на правата на овие лица, ќе добијат 120 гласови во Собранието.
„На овие деца им треба шанса, овие деца може да придонесат во општеството!“, вели Мијалков.
„Најмалку што можат да направат за секој од нас е да ни помогнат да станеме почовечни. Јас ќе ја поддржам неговата кампања“, стои во колумната на Џабир Дерала „Моето дете ми помогна да станам човек“ , објавена во „Плусинфо“ на 23 јули.