Categories

РАФАЛ Моето дете ми помогна да станам човек

Го запознав Зоран Мијалков синоќа. Живее во Штип. Работи како библиотекар. Неговото дете е со аутизам.

Пишува: Џабир Дерала

На времето, не сакале да го примат во градинка. Откако го примиле, поставиле услов, едниот од родителите да биде постојано во градинка. Потоа, имал мака да го запише во училиште. Кога, конечно, се смилувале да го примат в училиште, го сместиле во задните клупи, со Ромчињата, како што ми кажа. По некое време, сфатил дека тоа е, всушност, среќна околност. Ромите добро знаат што е дискриминација. Затоа, го прифатиле како свој и многу му помогнале.

Зоран ги поминал сите можни обуки за негување и работа со деца со аутизам. Безброј пати го нудел своето знаење и искуство на институциите, бесплатно. Без успех. Тие најдобро знаат. Во дневниот центар за деца со аутизам во Штип, на пример, вработиле персонал меѓу кои и такви со шумарска струка. Се сеќавате, тоа се оние 1.600 вработувања на Груевски преку Македонски шуми.

Партијата што беше на власт до пред неполни два месеци, на сите свои ѕвона (мегафони) го објави отворањето на дневниот центар за децата со аутизам во Штип. За што се работи? Надвор од градот, во мали  сутеренски простории со ниски тавани, без доволно осветлување, вентилација и греење, со подрум поплавен со вода… Тоа е дневниот центар во кој децата со аутизам само се згрижуваат. Но како? Зоран неколку пати го барал своето дете по штипските улици, со помош на соседите и полицијата.

„Тие се убави и мили, како и сите други деца“ – ми вели овој напатен човек со бескрајно добродушна појава. Вториот братучед на Сашо Мијалков не сакал да ги искористи погодностите на фамилијата само за себе и своето дете. Младоста му минува во неуморни заложби за сите лица со посебни способности. За себе вели дека е среќен. „Моето дете ми помогна да станам човек“ – вели тој.

Тој е еден од предводниците на кампањата „5 до 12“ која се обидува да ја зајакне јавната свест за лицата со посебни способности, со очекување од владата да им овозможи достоинствен живот на овие наши сограѓанки и сограѓани кои можат многу да придонесат, ако им се даде можност. Најмалку што можат да направат за секој од нас е да ни помогнат да станеме почовечни. Јас ќе ја поддржам неговата кампања.


Објавено во Плусинфо и Слободен печат (22-23 јули 2017)

Print Friendly, PDF & Email