Интегритетот не е карактерна ниту генетска особина, туку е производ на едно општество. Тој е приказ на неговата тековна состојба и кондиција, сублимат на неговата етичка пракса, резултат на тоа што општеството го изградило како вредности и некакви морални столбови.
Интегритетот не е вроден ниту даден, тој се гради и негува. Примарно, интегритетот се гради преку образовниот процес – во домот и во училиштата. Неизбежно големо влијание има и опкружувањето – однесувањето на другите, начинот на дејствување на институциите во однос на воспоставените општествени норми, начинот на кој јавноста и медиумите градат херои и анти-херои и модели на однесување…На сето ова, секако, како неизбежно важен фактор мора да се додаде и економскиот. Сиромаштијата, заедно со незнаењето, се најголемите непријатели на интегритетот.
Зошто ви го пишувам сето ова околу полноќ? Затоа што општества што не градат интегритет и вредности, што не го вреднуваат знаењето, идеите, аргументите, општества во кои криминалот е успех а пристојноста глупавост, немаат шанса во новиов, дигитален век. А имам чувство дека ние веќе одамна сме станале такво општество и малку правиме за да го промениме тоа.
Ако нешто посакувам, драги мои пријатели, е да согледаме дека сите ние, горе – долу, сме потфрлиле во последниве децении да градиме интегритет во ова општество. Тоа сега ни се удира од глава и е причина за многу наши проблеми. А за да го решиме тој проблем, ќе повторам, не постојат магични стапчиња ниту проекти, туку систематска преобразба на образовниот систем, далеку подобро, поправично и постручно функционирање на институциите, реституција на институтот конкурс (а не врски и кабли), итн итн.
И така упорно, за едно 10-20 години, до генерации со вистинска шанса. Историските процеси се за жал, неумоливи. Колку што му требало на нешто да се расипе, најмалку толку ќе треба за да се поправи. Таа е долгата стаза која, кога-тогаш, ќе мора да почнеме да ја трчаме. Постојано имајќи на ум дека, додека ние се бориме да се вратиме барем онаму каде што сме биле, светот граби напред…