Пронаоѓањето на поморски беспилотно пловило од типот „камиказе“ во близина на островот Лефкада предизвика сериозна загриженост во Атина и отвори нова дебата за безбедноста на пловидбата во Јонското Море. Според грчките власти, станува збор за дрон со експлозивно полнење кој е поврзан со украинска воена технологија.
Грчкото Министерство за одбрана, предводено од Никос Дендиас, и Министерството за надворешни работи на Јоргос Герапетритис, реагираа со барање за објаснување од Кијив, нагласувајќи дека проширувањето на воените операции надвор од зоната на конфликт е неприфатливо и претставува ризик за цивилната пловидба и регионалната стабилност.
Според извештаи, инцидентот бил разгледан и на ниво на Европската унија во Брисел, каде Грција предупредила дека Медитеранот не смее да стане ново бојно поле.
Истрагата што се спроведува во воените објекти во Скарамагас утврди дека се работи за беспилотно површинско пловило (USV) со експлозивно полнење од околу 100 килограми. Техничките карактеристики укажуваат на тип сличен на украинските „Magura“/„Мамаи“ дронови, кои се користат за напади врз морски цели.
Специјалисти од грчката армија и крајбрежната стража успеале да ги неутрализираат експлозивните компоненти, додека анализата на потеклото продолжува.
Украина засега не дала официјален коментар, ниту потврда ниту демант за инцидентот, ниту пак има коментар од руска страна. Про-руските медиуми во Грција го користат случајот како аргумент дека украинските воени операции се прошируваат надвор од Црното Море. Овој наратив се користи и во пошироката информациска војна поврзана со руската агресија врз Украина.
ЦИВИЛ Медиа Деск












































