Рокот за пријавување за гласање во домашни услови за болни и немоќни лица, лица позитивни на Ковид-19 или лица на кои им е одредена мерка на самоизолација кои не се во можност да гласаат на гласачкото место, а сакаат да гласаат на изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово истекува денеска, 12 август, во 24 часот.
Немоќните или болни лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите, на 19 август (петок).
Избирачите кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, а сакаат да гласаат за тоа ќе ја известат општинската изборна комисија најдоцна 5 дена пред денот определен за гласање, односно 14 август, до 24 часот.
Известувањето се доставува до општинската изборна комисија или преку Апликацијата за пријавување на немоќни и болни лица и лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и на кои им е одредена мерка самоизолација, согласно Упатството за пријавување и гласање на лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација.Едно исто лице може да биде полномошник на најмногу две лица. Од иста е-маил адреса може да се достават најмногу две известувања.
Бидејќи денот на одржување на изборите е сабота, овие лица треба да гласаат во петок на 19 август, во работен ден.
– Со оглед на тоа што гласањето е во работен ден, сите членови на избирачките одбори, треба да бидат ослободени од работни обврски и општинските комисии треба да им дадат потврда која треба да ја однесат на работа, изјави потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху.
На 19 август, петок, ќе гласаат и затворениците.
Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Центар Жупа и Совет на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август.