Финансиската полиција во Италија ќе поднесе кривични пријави против сите трговци кои продаваат заштитни маски за лице и други производи кои ги огласуваат преку Интернет како заштита од новиот коронавирус наречен КОВИД -19.
Недостаток од маски има насекаде. Особено во земјите каде веќе се потврдени случаи на пациенти заразени со КОВИД-19. Поради недостатокот, на пазарот во овие земји се појавија диви препродавачи на маски, чија цена е многу повисока од реалната, а дел од овие продавачи во своите огласи тврдат дека нивните производи нудат целосна заштита. За жал, таков е примерот и во нашата земја.
Од синоќа на интернет се шират огласи за маски чија редовна цена е 10 денари, а се продаваат за 150, 170, па некаде и 300 денари.
Во Италија пак, полицијата денеска соопшти дека открила луѓе кои продаваат маски и по цена од 5.000 за парче.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, освен што цената е преголема, продавачите преку Интернет лажно тврдат дека нивните производи нудат „целосна заштита“ од коронавирусот. Финансиската полиција во соопштението наведува дека се поднесени пријави за 20 лица кои лажно огласувале, а запленети се илјадници маски за лице и прочистувачи за воздух. Лажното огласување се казнува со затворска казна во траење до две години.