Ова е извештај од обработените извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ од отворањето на избирачките места во 7 часот до 11 часот. Мониторингот на ЦИВИЛ јавува дека го набљудувале отворањето на избирачките места на околу 300 локации низ целата земја. Со исклучок на едно, сите избирачки места на кои биле присутни набљудувачите на ЦИВИЛ, отвориле навреме.
Но, позитивните вести завршуваат отприлика тука. Почетокот на денот го одбележаа големиот број проблеми со биометрискиот читач на лични податоци, популарно познат под називот фингерпринт апарати.
На прес конференцијата беше објавен опширен извештај за кршењето на изборниот молк во текот на вчерашниот ден, а потоа стана збор за гласањето во првите два часа од изборниот ден (17 октомври).
ИЗБОРЕН ДЕН, 17 ОКТОМВРИ, ОД 7 ДО 10 ЧАСОТ
Проблеми со читачот на отпечатоци на прсти
Проблеми со фингерпринт апаратите се бележат насекаде низ земјата. Неколку стотици извештаи од целата земја говорат за проблеми со овој уред. Ова е дел од обработените извештаи:
Во повеќе општини низ земјата, на самиот почеток на гласањето, во повеќе стотици избирачки места (ИМ), членовите на избирачките одбори за првпат се запознаваа со упатствата за ракување со фингерпринт апаратите и во текот на гласањето во првите четири часа се бележат повеќе од 300 случаи во кои гласачите се соочуваат со проблеми, а процесот на гласањето е далеку побавен отколку обично.
Тимот на ЦИВИЛ обработи податоци за проблеми со фингерпринт апаратите во најмалку 5, а во некои општини и во повеќе од 10 избирачки места во секоја од општините: Струмица, Чашка, Прилеп, Делчево, Лозово, Василево, Битола, Кичево, Виница, Куманово, Кавадарци, Штип, Кочани, Тетово, Струга, Кичево, Дебар, Делчево, како и во скопските општини Центар, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Карпош и Аеродром. Извештаите за проблемите со фингерпринт апаратите пристигнуваат постојано, а вкупната бројка на ИМ во кои е регистриран проблем во оваа категорија, сигурно ќе биде многу повисок откако ќе се обработат сите податоци од теренот.
Овој проблем предизвика доцнење со почетокот на гласањето во повеќето избирачки места во набројаните општини, иако членовите на избирачките одбори навремено ги отворија избирачките места низ земјата.
Избирачките одбори, сепак, им дозволуваат на гласачите да гласаат со оставање отпечаток од прст на хартија, а во многу места процесот се одвива според стариот начин на означување на гласачите – со спреј и УВ ламба.
Иако процесот е бавен, сепак, најголем дел од гласачите успеваат да го остварат своето гласачко право, но не секаде. Така, во ИМ 2727 во Аеродром, на гласач кој се наоѓа на Избирачкиот список, но фингерпринт апаратот не го препознава неговиот отпечаток од прст, не му дозволиле да гласа. Го испратиле да се обрати во ДИК.
Попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ
Од 7 до 11 часот, се бележат седум случаи на попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ
Во ИМ 2755 во Аеродром, избирачкиот одбор не го прифаќа набљудувачот на ЦИВИЛ, затоа што не пишува име на беџот од ДИК, иако беџовите така се примени од ДИК, пластифицирани. На некои места, избирачките одбори им издаваат нови легитимации од ДИК на кои член од избирачкиот одбор своерачно ги внесува имињата на набљудувачите.
Во ИМ 0031 во Битола, избирачкиот одбор не дозволува пристап за набљудувачот од ЦИВИЛ на избирачкото место, под изговор дека овластувањето од ДИК за ЦИВИЛ важело само за Скопје. Тоа не е точно, бидејќи овластувањето од ДИК го носи целиот назив на изборниот процес:
ОВЛАСТУВАЊЕ за набљудување на Изборите за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје.
Најчесто, дополнителни објаснувања од ЦИВИЛ, набљудувачите добиваат пристап до избирачките места. Во двете прес конференции во 10 и во 12:15 часот, ЦИВИЛ апелираше до ДИК да им испратат насоки до избирачките одбори за да се надминат овие состојби.
Оваа ситуација од дотаму што во ИМ 2627, општина Карпош, претседателката на избирачкиот одбор на ова избирачко место, не му дозволува на набљудувачот затоа што, според сведочењето на набљудувачот, ѝ било забрането да дозволи влез на лица од ЦИВИЛ. Наводно, ЦИВИЛ не е акредитиран за набљудување во Карпош (?!).
„Ние, како граѓански набљудувачи, акредитирани од ДИК, помагаме изборниот процес да биде законит и демократски. Тука сме за да им помогнеме на граѓанките и граѓаните да го остварат своето право на глас, но и на институциите. Затоа, нема потреба од вакви притисоци, замолуваме да ни се овозможи непречено спроведување на нашите активности за што имаме уредна акредитација“ – гласи апелот на ЦИВИЛ до ДИК и до јавноста.
Повреда на правото на глас
Повреда на правото на глас се бележи во два вида случаи. Во дел од извештаи се наведува дека на одредени гласачи им е оневозможено гласањето, иако се наоѓаат на Избирачкиот список. Исто така, некои гласачи, иако имаат уредни документи, сепак, ги нема во Избирачкиот список. Вакви проблеми се бележат во повеќе од десет општини низ земјата, вклучувајќи го Карпош, Кисела Вода,
Набљудувач на ЦИВИЛ наведува дека од член на избирачки одбор дознал дека гласачите од дури пет згради во Карпош, ги нема на Избирачкиот список.
Во извештаите од изборниот мониторинг се најде и пријава од изнемоштено лице дека во текот на вчерашниот ден, сабота, 16 октомври, не дошол избирачкиот одбор, иако е уредно пријавен, а во текот на денот неколкупати ги повикал да дојдат на гласање.
Кршење на протоколите за заштита од КОВИД-19
Воглавно, граѓанките и граѓаните, како и членовите на избирачките одбори се придржуваа до протоколите за заштита од КОВИД-19. Сепак, изразено во проценти, тоа и не е малку, според досега внесените случаи во системот за мониторинг и анализа на ЦИВИЛ. Од вкупно обработените извештаи од теренот, 6,9% отпаѓаат на случаи на непочитување на заштитните ковид-мерки.
Непристапност на избирачките места за лицата со посебни потреби
Непристапност на избирачките места за лицата со посебни потреби се нотирани во општините Кисела Вода, Лозово, Кавадарци, Прилеп, Радовиш и Кочани.
Во Струмица, во ИМ 1714 сите паравани за гласање се за инвалидизирани лица
КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИОТ МОЛК, 16 ОКТОМВРИ 2021
Аеродром
Кршење на изборниот молк во 23 часот (16 октомври) на бул. АВНОЈ во општина Аеродром, се дели пропаганден материјал по влезовите во зградите. Граѓански новинар испрати и фото записи од оваа „операција“, по што долгорочен набљудувач на ЦИВИЛ ја верификуваше оваа информација.
Студеничани
Претседателот на една политичка партија врши агитација во чајџилница во Долно Количани, општина Студеничани околу 20 часот, во изборен молк, на 16 октомври.
Кочани
Според извештајот на набљудувачите на ЦИВИЛ, во Кочани, на полноќ, се бележи присуството на функционери на одредена политичка партија во т.н. „ромско маало“. Според извештајот, функционерите биле во изборниот штаб на партијата во т.н. „ромско маало“, а на улицата пред штабот имало неколку десетици луѓе. Според извори на нашите набљудувачи, во изборниот штаб на партијата се вршел изборен поткуп.
Медиуми
Изборниот молк го прекршија неколку интернет портали. Од самиот почеток на изборниот молк, на полноќ меѓу 15 и 16 октомври, во текот на целиот ден и вечерта на сабота, 16 октомври, како и во првите часови по полноќ на изборниот ден, се објавија повеќе содржини со видео прилози и текстови во кои, освен кршење на изборниот молк, се бележи и црна кампања со дезинформации, навреди и говор на омраза.
Еден интернет портал, на самата веб страница, како и на Фејсбук страницата на порталот, објави повеќе содржини со видео прилози и јавувања во живо од Прилеп, со кршење на изборниот молк, каде што, исто така, се бележи и црна кампања со дезинформации, навреди и говор на омразата.
Изборниот молк го прекршиja уште два интернет портали, кои во вечерните часови на 16 октомври (околу 21 часот), објавија твитови со видео од активност на претседателот на една политичка партија. Без оглед на тоа што се работи за цитат од социјални мрежи, со објавувањето, овие интернет портали, сепак, го прекршија изборниот молк.
Медиумите имаат обврска да се запознаат со основните изборни правила и да знаат дека партиските штабови имаат право да бидат отворени, но се ограничени да спроведуваат пропагандни активности.
Фејсбук
Популарна јавна личност која произведува комични содржини и ги пласира на социјалните мрежи објави видео содржина во која се исмева еден од кандидатите за градоначалник на Град Скопје, во изборен молк.
Кандидати за советници на една политичка партија во Општина Аеродром, го прекршија изборниот молк со Фејсбук објава на заедничка фотографија во изборен штаб во сабота во 20:01 часот. Објавата потоа беше избришана од нивните профили, но Мониторинг тимот на Цивил успеа да ја забележи и сочува пред да биде избришана.
Невладини организации
Изборниот молк го прекрши едно раководно лице на невладина организација, кое воедно е и кандидат на советничка листа, која во изборен молк агитираше на социјалните мрежи. Во случајов, се работи за кршење на изборен молк, што се забрането според Изборниот законик, како и Законот за здруженија и фондации.
Портпароли
Изборниот молк го прекрши еден портпарол на политичка партија со објава на Фејсбук во која може да се забележи и говор на омразата и закани против политичките опоненти.