Кандидатот на здружената опозиција Денис Беќировиќ е нов член на Претседателството на Босна и Херцеговина, објави Дневни Аваз.
Беќировиќ со голема разлика ги победи своите противкандидати, кандидатот на СДА, Бакир Изетбеговиќ и Мирсад Хаџикадиќ, кандидат од коалицијата „Држава“.
На прес-конференцијата се обрати Беќировиќ. Тој им се заблагодари на граѓаните на Босна и Херцеговина за големата поддршка и доверба.
– Победивме. Победивме убедливо и здружената опозиција има член на Претседателството на БиХ кој има најмногу гласови. Благодарам на сите што гласаа за мене. Благодарам и на оние кои не го направија тоа. Сето ова е дел од демократијата во Босна и Херцеговина.
Од изборниот штаб на СДА пред медиумите се обрати претседателот на СДА, Бакир Изетбеговиќ. Тој го призна поразот од Денис Беќировиќ.
– Резултатите не се официјални, но јасно е дека изгубив за член на Претседателството од 11 партии – рече тој и додаде дека било тешко да се надминат.
Жељко Комшиќ води во трката за член на Претседателството на БиХ од хрватскиот народ со повеќе од 100.000 гласови. Тој има 177.954 гласови, додека Борјана Кристо има 71.133.
Кандидатот на опозицијата за српски член на Претседателството на БиХ, Мирко Шаровиќ, го призна поразот.
Жељка Цвијановиќ прогласи победа во трката за член на Претседателството на БиХ од РС.
Цвијановиќ, како што изјави портпаролот на СНСД, Ратко Ковачевиќ, создаде недостижно водство за Шаровиќ, која е нејзин главен противник.
Шаровиќ изјави дека неговата противничка Жељка Цвијановиќ има недостижна предност.
– Честитки за Жељка Цвијановиќ по сите пребројани гласови – рече Шаровиќ.
Претседателот на ПДП Бранислав Бореновиќ на прес-конференцијата изјави дека Јелена Тривиќ има убедлива предност од 11 илјади гласови пред Милорад Додик и дека таа ќе биде новиот претседател на Република Српска.
Во Босна и Херцеговина денеска се одржаа општи избори на кои граѓаните избираат членови на Претседателството на БиХ, претставници во државниот парламент, претставници во Парламентот на ФБиХ, Националното собрание на РС, како и претставници во десет собранија на кантони во БиХ.
На гласачките ливчиња има 7.258 кандидати. Право на глас имаат 3.368.666 граѓани на Босна и Херцеговина.
Речиси сите избирачки места во Босна и Херцеговина се затворени во 19 часот и почнува броењето на гласовите. Првите резултати, како и обично, ги објавуваат изборните штабови на политичките партии.
Претседателот на Централната изборна комисија на БиХ, Суад Арнаутовиќ изјави дека излезноста била 50 проценти без неколку избирачки места.
Како што рече Арнаутовиќ, попладне немало поголеми проблеми на избирачките места.
– Бројот на пријавени инциденти е 26 во Федерацијат БиХ, 21 во Република Српска, два во округот Брчко. Избирачките места беа затворени во 19 часот, освен оние кои имаа прекини. Имавме 30 пријави за прекршување на изборниот молк – рече Арнаутовиќ.
Изборите ги следат околу 60.000 набљудувачи, од кои околу 50.000 се делегирани од политичките партии. Регуларноста на изборите ја контролираат нешто помалку од четири илјади меѓународни набљудувачи.
Подготви: Д.Мишев