Собранието конечно го донесе Законот за Јавно обвинителство. Претседателот на Собранието денеска и официјално го распушти Законодавниот дом, истакнувајќи дека Државната изборна комисија се уште има време за да ги испочитува сите рокови за спроведување на фер и демократски избори.
Според најавите, ДИК денеска од МВР побара да и биде доставен Избирачкиот список. Јавниот увид во списокот ќе започне на 26 февруари и ќе трае до 11 март, период кога граѓаните ќе можат да достават барања за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Најдоцна до 12 март треба да бидат доставени кандидатските листи, а официјалната кампања започнува на 23 март.
Онаа неофицијалната е започната уште пред лидерската средба на која беа договорени предвремените парламентарни избори. Од она што досега го видовме како реторика на политичките партии, многу веројатно е дека копјата ќе се кршат околу Преспанскиот договор, лажните ветувања за неговото поништување, како и европските интеграции на земјата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во предизборната трка влегува со комплетно разнишани внатрепартиски односи, за кои доказ е вчерашниот „дуел“ меѓу пратеничките Пешевска и Старова.
СДСМ, пак, денеска организира марш за правда чија цел е да се пренесе пораката дека борбата од донесувањето на Законот за ЈО во Собранието се пренесува во судот, којшто, сепак е тој што треба да обезбеди правда.
Маја Ивановска