Tри месеци по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Собранието ја усвои Одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата избра седум од пријавените 44 кандидати, по што тие беа изгласани на пленарна седница.
Опозицијата во Парламентот се воздржа од гласање поради, како што наведоа, партиско влијание при изборот на членовите, а власта порача дека државата конечно ќе добие професионална институција. Невладините организации, нагласувајќи дека граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација, и покрај, како што посочуваат, бројните недостатоци во постапката на избор на членови, сметаат дека овој предлог состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата.
По ваквите спротивставени ставови на власта и опозицијата останува отворено прашањето дали Комисијата ќе биде вистински заштитник на правата на граѓаните или ќе дозволи да и се стави печат на исполитизираност или партиска блискост и припадност на некои членови. Од Комисијата, пак, најавуваат дека ќе воспостават институција што ќе се бори против дискриминацијата на сите основи.
Комисијата за прашањата на изборите и именувањата во рамки на предвидените рокови избра седум членови кои ги изгласа и Собранието. За членови на оваа Комисија за спречување и заштита од дискриминација избрани Игор Јадровски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Неда Чаловска Димовска, дипломиран правник од Скопје, Лимко Бејзароски, политиколог и доктор по историски науки од село Пласница, општина Пласница, Ирфан Деари, лекар специјалист од село Боговиње, кои се со мандат од пет години, додека м-р Кире Василев политиколог од Битола, Исмаил Камбери, магистер по правни науки, и Весна Бендевска, психолог од Битола, се избрани со мандат од три години.
Токму селекцијата на кандидатите беше предмет на забелешки и од невладините организации уште кога Законот беше во изработка. Од Мрежата за заштита од дискриминација реагираа дека власта не го прифатила нивниот предлог за потранспарентен избор на членови на Комисјата за заштита од дискриминација. Одредбата што ја предложиле, меѓу останатото, предвидувала листата кандидати за членови на комисијата и нивните лични биографии да бидат објавени на веб-страницата на Собранието, а во рок од пет дена од објавувањето на листата, да се организира интервју на кандидатите кое ќе се емитува на Собранискиот канал, а ќе го спроведува Комисијата за селекција, на јавна седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, измените предвидувале членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум членови – по двајца пратеници од власта и од опозицијата, по двајца претставници на граѓанското општество и по еден претставник на Националното координативно тело за недискриминација.
Од Мрежата најавија и амандман, кој беше предложен од пратеник во Собранието, но тој не беше усвоен и постапката за избор се одвиваше по предложеното решение во собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.
Но, по донесувањето на законот и изборот на сегашниот состав на Комисијата, од Мрежата за заштита од дискриминација посочија дека иако имало недостатоци во постапката на избор на членови, персоналниот состав е значително подобар од било кој состав претходно.
-Покрај бројните недостатоци во постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сметаме дека овој предлог-состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата. Го поздравуваме поставувањето на листата на кандидати со богато искуство во спречувањето и заштитата од дискриминација кои воедно доаѓаат од здруженија кои се етаблирале како независни чинители во унапредувањето на човековите права на граѓаните. Клучна наша забелешка е недостатокот на родово-балансирано учество на предлог-листата, иако половина од кандидатите беа жени, а дел од нив со исклучителни биографии во областа на човековите права и недискриминацијата, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Пратениците од опозицијата при изборот на Комисијата посочија дека при селекцијата на членовите партиското и политичкото влијание, сепак, биле доминанти. Во листата, како што рекоа, препознале партиски луѓе и меѓупартиски договор на коалициските партнери од власта. Најавија дека ќе гласаат воздржано, поради, како што посочија, начинот на кој бил направен изборот.
За владејачкото мнозинство, нема дилеми дека овој предлог-состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е непартиски, неселективен, затоа што, како што велат, наидува на поддршка од цел невладин сектор. Со негласањето, сметаат од власта, ВМРО-ДПМНЕ удрило шлаканица на сите оние граѓани кои, на било кој начин биле дискриминирани во општеството.