Пратениците во црногорскиот Парламент вечерва и изгласаа недоверба на Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ, на предлог на коалицијата „Црно на бело“ предводена од Дритан Абазовиќ, пренесува информативната агенција МИА.
За недоверба на Владата гласаа 40 пратеници на опозицијата и четворица пратеници на коалицијата Црно на бело, а 11 беа против. Во црногорскиот Парламент, кој има 81 пратеник, гласаа само 55.
На гласањето не присуствуваа пратениците на Демократскиот фронт, Социјалистичката народна партија и Движењето за промени. На изборите на 30 август Кривокапиќ ја предводеше листата која ги собра тие три партии.
Предлогот за гласање недоверба го образложи пратеникот на ГП УРА, Милош Конатар, кој рече дека не верувал дека ниту премиерот, ниту министрите, освен министерот за капитални инвестиции, нема да бидат во салата кога ќе се разговара за предлогот за недоверба на Владата.
Пратеникот Конатар во завршниот збор во име на предлагачот изјави дека „денеска не се случува никаква апокалипса“.
– Се изборивме промената на власта да биде нормална работа. Секоја следна влада треба да учи од грешките на оваа, истакна Конатар.
– Нивниот однос е една од причините зошто разговараме за ова. Разговараме за одлука која е тешка. Тешките времиња и политичката криза бараа тешки одлуки од нас. Подготвени сме да преземеме одговорност за оваа одлука, рече Конатар.
Тој додаде дека нема одлука која е доволно тешка кога е во прашање интересот на граѓаните на Црна Гора.
– Оваа влада од почетокот функционираше како малцинска, често се случуваше да не можеме да дојдеме ниту до 41 глас поддршка, а не 49 за важни одлуки и избор на клучни луѓе во судството, рече Конатар.
Тој оцени дека Владата денеска ќе падне.
– Денеска е јасно дека Владата нема доверба од Парламентот и нејзе денеска ќе и биде изгласана недоверба. Обрнете внимание колку пратеници денеска ќе гласаат против овој предлог – јас проценувам 11 или 12 пратеници. Тоа покажува колку поддршка има оваа Влада, истакна Конатар.
Тој додаде дека е важно граѓаните да знаат дека ДПС нема да се врати на власт и оти, како што рече, тоа е манипулација.
Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ беше формирана пред точно една година и два месеци, на 4 декември 2020 година.












