„Музиката, која постојано ја слушаме од Европа е дека треба да продолжиме, но не станува збор за тоа дека Албанија и Северна Македонија и другите земји во регионот треба да се спакуваат, да се стават на брод и да се испратат во Европа, станува збор за градење на нашите земји да функционираат како секоја друга земја-членка на Унијата. А потоа дали ќе бидеме дел од ЕУ не зависи од нас, тоа не е во наши раце, не сме ние тие кои одлучуваме за тоа, изјави албанскиот премиер Еди Рама денеска панелот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ на Првата меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.
„Немојте да чекате на пристапувањето. Премногу сме фокусирани на тоа. Овој регион има многу што друго да понуди. Имаме многу блиски меѓучовечки и емотивни врски со регионот и она што го правите на регионален план дури и без нас, како Мини шенгенот и иницијативата што почна со Б6 е одлична и е брилијантна идеја“, изјави министерот за европски и меѓународни работи на Австрија Александер Шаленберг на панел дискусијата „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан.
„ЕУ не е способна сама да предводи, САД не би сакала да предводи сама, а регионалните елити не се заинтересирани. Би сакал да бидам искрен, бидејќи и јас сум дел од тие регионални елити, не би сакале да направат напори за темелна промена на нашите општества. Конечниот резултат е дека Западниот Балкан особено во минатата деценија заостанува во економска смисла зад ЕУ и повеќе од претходната деценија, 2000-те години, а Вашингтон е тука само да го следи и да сведочи за падот на сите демократски индикатори. Во демократска смисла Западниот Балкан е поназад од пред 10 или 15 години. Западниот Балкан има 18 милиони население на хартија, а во реалноста четири милиони помалку“, изјави претседателот Пендаровски на панел дискусијата „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“, која денеска се одржа во Охрид во рамките на „Преспа форумот за дијалог“.