Во денешните изјави издвоивме: Шекеринска за билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Португалија, Димитров за кредибилитетот на ЕУ, Таравари за договорот СДСМ-ДУИ.
„Португалија беше една од земјите членки на НАТО која прва ги започна процесите на ратификација на нашиот НАТО договор што беше гест на голема пријателска поддршка и шанса за збогатување на нашата билатерална одбранбена соработка. Затоа и разговаравме како да ги збогатиме одбранбените односи и како да поставиме шанса и за поголема политичка соработка помеѓу нашите две земји“ рече министерката Шекеринска.
Димитров: Во следниот период или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ или ќе го загубиме
„Го споменав зборот „криза“, кој етимолошки доаѓа од терминот „одлучувачки момент“. Сметам дека под словенечкото евро претседателство во наредните неколку недели и месеци многу ќе се приближиме до овој одлучувачки момент. Или ќе го обновиме кредибилитетот на Европската унија на Балканот или ќе го загубиме. Многу се потпираме на занаетот и мудроста на нашите словенечки пријатели, за кредибилитетот да го задржат, а не да го загубат“ изјави вицепремиерот Димитров.
Таравари: Договорот СДСМ-ДУИ е идентичен со оној од 2017
„Договорот СДСМ-ДУИ е од формирањето на владата во 2020 година, и е идентичен со оној од 2017 година за локалните избори. Но, ете сега беше јавно објавено и разбраа и другите коалициони партнери и сите граѓани. Анкетите и искуствата од сегашните градоначалници на коалицијата СДСМ-ДУИ, покажуваат дека главно тие се неуспешни и без кредибилитет кај граѓаните и во вакви околности им е потребна соработка со народот за да се запре злото, нетранспарентноста, криминалот и корупцијата на локално ниво. Како коалиција AА-AAA сме отворени за соработка со сите политички партии, граѓанскиот сектор, но и самите граѓани кои сакаат промена, транспарентност и правилно и чесно управување со општините. Сме отворени и подготвени за соработка со сите за да ги донесеме промени за подобра иднина за сите “изјави генералниот секретар на АА, Арбен Таравари за „Слободен печат“.