Израелските сили ги пронашле телата на двајца израелски Американци однесени во Газа како заложници за време на нападот предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, соопшти израелската војска, пренесува Би-би-си.
Џуди Вајнштајн Хагај (70), која исто така била канадска државјанка, и нејзиниот сопруг Гади Хагај (72), биле убиени од вооружени лица од групата Муџахедински бригади кога го нападнале кибуцот Нир Оз, се вели во соопштението.
Нивните тела биле пронајдени во јужната област Кан Јунис во Газа преку ноќ и вратени во Израел за форензичка идентификација.
Во Газа, Хамас сè уште држи 56 заложници, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.
Форумот за заложници и исчезнати семејства ги повика носителите на одлуки да сторат сè што можат за да се договорат за нов прекин на огнот со Хамас за да се обезбеди враќање на сите преостанати заложници.
„Нема потреба да се чекаат уште 608 мачни дена за ова“, се вели во соопштението. „Мисијата може да биде завршена уште утре наутро. Тоа е она што го сака мнозинството од израелскиот народ.“
М.Д.