Министерот за одбрана на Израел вели дека градот Газа ќе биде уништен ако Хамас не се согласи да се разоружа и да ги ослободи сите заложници, пренесува Би-би-си.
Коментарите на Израел Кац дојдоа откако израелскиот кабинет ги одобри плановите за масовен напад врз градот Газа, и покрај широкото меѓународно и домашно противење.
Во понеделникот, Хамас се согласи со предлогот на катарските и египетските медијатори за 60-дневен прекин на огнот, кој според Катар би довел до ослободување на половина од преостанатите заложници во Газа.
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху очигледно го отфрли ова, велејќи дека наложил да започнат преговори за ослободување на сите преостанати заложници и крај на војната во Газа под услови „прифатливи за Израел“. Израел верува дека само 20 од 50-те заложници се уште се живи по 22 месеци војна.
Израелските медиуми цитираа израелски функционер кој рекол дека преговарачите ќе бидат испратени за обновени разговори откако ќе се утврди локацијата. Во видео изјава за време на посетата на седиштето на дивизијата во Газа во Израел во четвртокот вечерта, Нетанјаху рече дека „дал наредба веднаш да се започнат преговори за ослободување на сите наши заложници“.
„Дојдов да ги одобрам плановите на ИДФ [Израелските одбранбени сили] да ја преземат контролата врз градот Газа и да го поразат Хамас“, рече тој. „Овие две прашања – поразување на Хамас и ослободување на сите наши заложници – одат рака под рака“, додаде Нетанјаху, без да даде детали за тоа што би вклучувала следната фаза од разговорите.
Зацврстувајќи ја пораката на Нетанјаху, министерот за одбрана Кац објави на социјалните медиуми во петокот:
„Наскоро, портите на пеколот ќе се отворат врз главите на убијците и силувачите на Хамас во Газа – сè додека не се согласат со условите на Израел за завршување на војната, првенствено ослободување на сите заложници и нивно разоружување. „Ако не се согласат, Газа, главниот град на Хамас, ќе стане Рафа и Бејт Ханун“, додаде тој.
И двата града се сведени на урнатини по израелските воени операции.
Д. Мишев