Претседателите на Европскиот парламент, Совет и Европската комисија изразија сочувство по автобуската несреќа која однесе 46 животи во Бугарија.
– Ужасно дознаваме дека најмалку 45 лица, од кои дванаесет деца, загинаа во автобуска несреќа во Бугарија ноќеска. Изразуваме искрено сочувство и посакуваме сила на нивните семејства и пријатели. Нашите мисли се со Бугарија и Северна Македонија на овој трагичен ден, објави претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, исто така изрази сочувство за семејствата и блиските на починатите во несреќата и им посака брзо закрепнување на повредените.
– ЕУ е солидарна со вас во овие ужасни времиња, напиша таа.
Шарл Мишел, претседателот на Европскиот Совет, порача дека ЕУ е подготвена да испрати помош на секаков можен начин.
– Нашите мисли се со жртвите на ужасната несреќа во Бугарија, нивните семејства и сите работници во првите редови, напиша Мишел на Твитер.
Странските амбасади во земјава изразуваат сочувство до семејствата на загинатите во тешката сообраќајна несреќа, што се случи рано изутринава во Бугарија, при што загинаа 46 лица.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир изрази сочувство за жртвите во сообраќајната несреќа што рано изутринава се случи во Бугарија и во која загинаа најмалку 45 лица.
– Нашите мисли во ова време, се со семејствата и пријателите на оние кои починаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утринава. Посакуваме целосно и брзо опоравување на повредените, напиша евроамбасадорот Гир на Твитер.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз изрази сочувство за загинатите во автобуската несреќа што се случи доцна синоќа во Бугарија.
– Од име на Американската амбасада, сакам да изразам најдлабоко сочувство на семејствата кои ги загубија своите најмили, и нашата поддршка за повредените, како и за оние на кои срцата им се скршија кога слушнаа за оваа трагична сообраќајна несреќа. Нашите мисли се со Вас во овие тешки времиња, напиша амбасадорката Брнз на Твитер.
Во исто време, и Амбасадата на САД во Софија изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Изрази на длабока тага и сочувство до семејствата на загинатите упати и британската амбасадорка Рејчел Галовеј на Фејсбук.
Германската амбасадата со искрена жал за загубите изразува најдлабоко сочувство на семејствата и пријателите на жртвите од ужасната автобуска несреќа што се случила во Бугарија.
Амбасадата на Франција, исто така, изразува длабоко сочувство до семејствата и блиските на жртвите во трагичната несреќа што се случи во Бугарија, посакувајќи им на повредените брзо закрепнување.
Холандската Амбасада во земјава изрази најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на оние кои рано утрово ги загубија животите во трагичната автобуска несреќа.
Министерството за надворешни работи на Република Турција изрази сочуство до Владите и народите на Бугарија и Северна Македонија за загинатите во пожарот што избувна во домот за стари лица во Варна на 22 ноември 2021 година и во сообраќајната несреќа на автобусот со македонски регистарски ознаки, што се случи ноќеска во близина на бугарскиот град Перник.
– Со голема тага и болка ги следиме трагичните настани во Бугарија. Упатуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите други погодени граѓани на Република Северна Македонија, на ранетите им посакуваме брзо закрепнување, наведува во сочувството Амбасадата на Словенија во Скопје.
Изрази на сочувство пристигнаа од соседсвото.
Бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која автобус регистриран во Република Северна Македонија доживеа сообраќајна несреќа при што загинаа 46 лица.
Шефот на бугарската држава ги повика одговорните институции да ги утврдат причините кои довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов му изразил сочувство на премиерот Зоран Заев по повод тешката сообраќајна несреќа во која 46 луѓе ги загубија животите.
Тој изрази уверување дека надлежните институции ќе ги утврдат причините за несреќата.
Борисов исто така го уверил Заев дека настраданите кои се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија ќе ја добијат најквалитетната медицинска нега.
Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук изрази сочувство по повод трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 лица.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ денеска упати телеграма со сочувство до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, по повод тешката сообраќајна несреќа во која 46 луѓе ги загубија животите, јави дописникот на МИА од Белград.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази искрено и длабоко сочувство за настраданите во сообраќајната несреќа во која 46 лица, главно македонски државјани го загубија животот.
Во објава на Фејсбук, Рама овој трагичен настан го опишува како „огромна болка“ и вели дека нема збор за трагедијата каде животот го загубија речиси сите патници.
– Нема зборови на утеха за трагедијата на автобусот од Северна Македонија во Бугарија, каде што животот го загубија речиси сите патници.Огромна болка, напиша Рама.
Длабоко и искрено сочувство до семејставата на загинатите и брзо закрепнување на повредените изразија албанскиот претседател Илир Мета и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, која на објава на Твитер напиша дека „Албанија е блиску до Северна Македонија во овој тежок момент“
И лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, изрази длабоко сочувство до семејствата на настраданите, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
Премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ денеска изјави дека споделува огромна тага со премиерите и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија поради автобуската несреќа кај Софија во која загинаа 46 лица, главно патници од Северна Македонија.