Прелеминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули ги оценува како ефективни и покрај прилагодувањата на пандемијата со Ковид-19, но со нарушена правна рамка поради ревизиите на Изборниот законик и ад хок регулатива донесена за време на вонредната состојба.
Медиумското известување е оценето како фаворизирање на поголемите политички партии во однос на платеното политичко рекламирање и без критички осврт на изборните програми на самите учесници во изборниот процес.
Денот на гласање е оценет со многу технички предизвици, особено поврзани со Избирачкиот список и крахот на сајтот на Државаната изборна комисија и објавнување на неофицијалните конечни резултати.
ОДИХР оцени дека она што е прифатено како нивна препорака делумно е внесено со измени во Изборниот законик во февруари 2020 година како што се прашања за регистрација на гласачите, транспарентност при решавање на изборните спорови, рокови за поднесување на извештаи за финансирање на кампањата и надзор на кампањата. Сепак, оние суштински препораки на ОДИХР, според нивниот извештај сепак не се прифатени како што е ревизија на границите на изборните единици од независно тело, правата на лицата со попреченост, како и финансирање на изборната кампања. Правната сигурност според ОБСЕ/ОДИХР е нарушена со недоследности, празнини и двосмислени формулации во самата законодавна рамка.
ОДИХР изразија загриженост во врска со точноста на Избирачкиот список, главно сметајќи дека бројот на регистрирани гласачи го надминува бројот на граѓани со постојано живеалиште, со што се зголемува стапката на апстинирање. Долгорочните структурни прашања како што се недоволната стандардизација на адресните податоци и хармонизацијата меѓу институциите, согласно идентификуваното во претходните извештаи на ОДИХР, остануваат неадресирани, како и ефикасноста и точноста на регистрацијата на гласачите дополнително погодена од ограничениот информациско-технички капацитет на ДИК, поради што не била спроведена дополнителна опсежна контрола на квалитетот на Избирачкиот список.
Изборната кампања е оценета како негативна без суштинска реторика со низа незаконски објавени снимки од политичките лидери. И ОДИХР забележува прекршување на изборниот молк во медиумитена интернет,и во помала мера, во традиционалните медиуми. Освен тоа, одреден број политички партии продолжија да се рекламираат онлајн и на социјалните медиуми во текот на изборниот молк со платено негативно политичко рекламирање во социјалните медиуми. Критика има и кон ДИК за отфрлање на 42 приговори за предвремена кампања без да ги разгледа суштински, одфрлувајќи поради недостиг на одкази. Одлуките на ДИК, оценува ОДИХР биле формалистички и идентични во сите случаи.
ОДИХР ги нотира и дојавите за купување гласови во различни региони на земјата, пред и по денот на избори, особено кај Ромската заедница и дојави за притисок врз гласачи во близина на гласачки места, особено во општините Кичево и Сарај, како и за насилен инцидент во Зајаз.
Прелеминарниот извештај на ОДИХР во голема мера се поклопува со извештаите и наодите на ЦИВИЛ во текот на целиот изборен процес, вклучително и прекинот на истиот поради пандемијата со Ковид-19.
ЦИВИЛ на прес конференција одржана на 16 јули го оцени изборниот процес како, според првичните резултати од обработените извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ, како деликатен, но успешен и безбеден изборен процес во РСМ, особено во поглед на безбедносните протоколи за заштита од Ковид-19. Тензичен, со нарушување на тајноста на гласање, проблеми со Избирачкиот список, несоодветно однесување на изборната администрација, но и на партиските набљудувачи, па и случаи каде беа инволвирани и полициски службеници.
ЦИВИЛ дополнително ќе излезе и со серија извештаи, анализи и препораки на низа суштински важни теми, како што се политичкото финансирање, говорот на омразата, лажните вести и дезинформации, како и изборната администрација, Изборниот законик и изборниот систем.
Б. Ј.