„Одговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно немам никаква одговорност за случајот „Рекет“. Моето име е злоупотребено од Бојан Јовановски, а имам сознанија дека и други лица го злоупотребуваат моето име, без јас да знам“, рече специјалната обвинителка Катица Јанева, на денешната пресконференција во СЈО.
Таа истакна дека нема да дозволи да биде дел од политички игри и пазарења и побара од надлежните органи да го истражат до крај случајот „Рекет“.
Таа не одговори на новинарските прашања. Откако го прочита тоа што имаше да го каже, веднаш си замина од говорницата.
Пред една недела, во понеделникот, Обвинителството за организиран криминал и корупција ја отвори истрагата „Рекет“, а за чии што потреби беше одземен телефонот на Јанева. Таа засега нема статус на осомничен, односно осомничени се само Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кицеец.