пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Се чини како да се измислуваат се поголем број правила, процедури, критериуми за да ги малтретираат луѓето, да им го загорчуваат животот, да ги гњават и да им одземаат време.
Сѐ почесто слушам дека би било супер да нема правила, процедури и критериуми и дека анархијата е системот во кој може слободно да се дише и луѓето да се размавнат со целокупниот свој потенцијал, без некој да им виси над глава со три формулари и четири печати.
Звучи некако здраворазумски и реално и привлечно.
И, според мое мислење е ептен погрешно.
Правилата, процедурите и критериумите се алатка на еднаквоста и на владеењето на правото. Тие овозможуваат примена на воедначени однапред познати мерила и предвидлив резултат.
Во моментот кога правилата, процедурите и критериумите не се применуваат еднакво за сите, всушност тие не постојат. Тоа значи дека некој има таква позиција во општеството од која може да им нареди на граѓаните да прават нешто, а тој самиот да не треба да го прави истото. Значи, не е проблемот во постоењето правила, процедури и критериуми, туку во нивното непостоење.
Правилата, процедурите и критериумите се контролна алатка над самовластието на моќните, ограда која не смеат да ја прескокнат, и, црвено светло кое се пали за да предупреди кога ќе забегаат. Тие се замислени токму со цел граѓаните да можат да го оградат самоволието и аздисувањето на моќните. Властодршците не сакаат да бидат ограничени и смислуваат различни начини како да ја избегнат контролата и да ја пречекорат црвената линија на правилата, процедурите и критериумите.
Во моментот кога моќните со леснотија ја прескокнуваат оградата на правилата, процедурите и критериумите и нема ни црвено светло кое ќе се запали при тоа, ниту пак казна, тоа не значи дека за едни постојат правила, процедури и критериуми, а за други не. Не. Тоа значи дека моќните успеале да не постојат правила, процедури и критериуми.
Правилата, процедурите и критериумите, овозможуваат планирање и предвидување и распоредување и искористување на капацитетите на заедницата на најдобар можен начин. Тие кажуваат кој може да биде чирак, кој калфа, а кој мајстор. Тие не дозволуваат некој кој нема знаења и вештини и искуство да биде ставен во позиција каде што се бара знаење и вештина и искуство.
Во моментот кога на управувачка/одлучувачка позиција ќе биде поставен некој што не знае, нема вештини и искуства за донесување на исправни одлуки, тоа не значи дека има двојни стандарди, туку дека воопшто не постојат стандарди. Не постојат правила, процедури и критериуми.
Правилата, процедурите и критериумите треба да бидат реални, да произлегуваат од потребите на луѓето, да обезбедуваат подобри услуги за граѓаните, и, да се менуваат само доколку се променат овие потреби или, ако веќе не им овозможуваат соодветни услуги на граѓаните.
Во моментот кога некој ќе почне да си смислува правила, процедури и критериуми само затоа што му се може без да ги праша граѓаните и без да го испочитува мислењето на граѓаните, и си ги менува како ќе му текне или како му одговара, и доколку резултатот не се подобри услуги за граѓаните, значи дека не постојат правила, процедури и критериуми, туку постои властодржец кој си го тера ќеифот.
Јас не мислам дека имаме премногу правила, процедури и критериуми. Мислам дека немаме воопшто правила, процедури и критериуми. Тоа што некој властодржец решил актите на самовластие да ги нарекува со тоа име, не ги прави правила, процедури и критериуми, туку само акти на самовластие наречени правила, процедури и критериуми.
Крајно време е навистина да ги воспоставиме.
Не за да им го загорчиме животот на граѓаните, туку наместо властодршци на чело на државата да имаме институции кои им служат на граѓаните.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.