Јасната осуда на руската инвазија на Украина и дијалогот со Косово се клучни за понатамошна европска интеграција на Србија, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска за време на неговата посета на Белград, јавуваат српските медиуми.
„Топката сега е во ваш двор и ве молам да не губиме време бидејќи иднината нема да чека“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Кошта со Вучиќ разговарал за реформите што Србија треба да ги спроведе за да го отвори Кластерот 3 во преговорите за пристапување кон Европската Унија (ЕУ), кој е поврзан со конкурентноста и инклузивниот раст.
„Она што треба да се направи како следен чекор за отворање на споменатиот кластер е многу јасно и тоа е она за што веќе се договоривме претходно – тоа се слобода на медиумите, сузбивање на корупцијата и подобрување на изборниот закон“, истакна Кошта.
Во претходните повеќе од три години, Србија не отвори ниту едно поглавје ниту кластер во преговорите со ЕУ, кои ги води од 2014 година.
Коментирајќи го заминувањето на Вучиќ во Москва, за да го прослави Денот на победата и покрај пораките од Брисел да не го стори тоа, Кошта рече дека претседателот на Србија „му објаснил дека отишол да прослави настани од минатото“.
„Но, во моментов, Србија е целосно посветена на процесот на пристапување во ЕУ и знае дека за тоа ни е потребна целосна координација во заедничката надворешна и безбедносна полиција. Не можеме да ја менуваме историјата, целосно разбирам дека Србија го слави ослободувањето, но не можеме да го славиме без да ја осудиме сегашната инвазија на друга земја“, рече Кошта.
Д. Т.