„Во моментов сметам дека е една голема катастрофа! Наместо да одиме во нагорна линија ние одиме се подолу и подолу и можеби сме и на дното, моментално, во Европа. Не сум задоволна воопшто!“, е одговорот на една граѓанка на прашањата на ЦИВИЛ Медиа, дали граѓаните имаат доверба во македонското јавно здравство и кое е нивното мислење за истото.
Дел од анкетираните се со позитивен став или барем имаат надеж дека здравството ќе се подобри во иднина.
„Има клиники и доктори од кои си навистина задоволен. Но, го има и обратното!“, „Јас како пациент сум задоволен“, „Па најверојатно ќе се опорави, не знам… Сигурно ќе биде така… Да се надеваме…“, се дел од одговорите на скопјанки и скопјани.
Но, поголемиот дел од нив одговорија дека немаат доверба во Македонското јавно здравство и дека сметаат дека е во катастрофална состојба.
„Не сме задоволни. Затоа што сме во години а се плаќаме. Јас сум дијабетичар 25 години а се плаќам“, вели една граѓанка.
Друг пак смета дека е проблем одливот на медицински персонал од земјата. „Мислам дека докторите не треба да бегаат. Треба да останат тука, затоа што се школувани во Македонија. Мислам дека малку го злоупотребуваат тоа“, вели тој.
„Катастрофа! Полошо не било никогаш! Нема ред, нема закажување, нема квалитет!“, „Сè е исто, сè е старо…“, „Не знам што да кажам. Функционира до некаде, но не е онака како што очекуваат граѓаните“, велат скопјан(к)и.
„Кој квалитет? Сите си отидоа! Знам дека има недостаток на доктори и медицински сестри. Мислам дека ќе биде се потешко и потешко“, вели еден револтиран граѓанин.
„На докторите секоја им чест, но условите се никакви!“, одговори друг.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Буњамин Камбери