Во организација на „Евротинк“ – Центар за европски стратегии утре, со почеток во 14 часот, во ГЕМ клубот во Скопје, ќе бидат презентирани анализите на Виолета Маринас Сера – „Борба против корупцијата во Македонија: Случајот на Специјалното јавно обвинителство” и Јудит Гарсија Ихарубија – „Дијагноза и можните реформи на македонското судство” од Автономниот универзитет од Мадрид.
Претставувањето е замислено како тркалезна маса во траење од 120 минути, на која најпрвин ќе зборуваат авторките за нивните наоди и препораки, а потоа, следува дискусија на која присутните можат да ги споделат своите видувања и предлози на тема: корупција и судство.
Виолета Маринас и Јудит Гарсија се студентки на завршната година на правните студии на Автономниот универзитет во Мадрид, а во Евротинк престојуваат во рамките на Меморандумот за соработка потпишан со универзитетот оваа година, како „Ерасмус“-студенти, во периодот од 1 јули до 15 септември 2017 година.