Јавното обвинителство информира дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес во вториот круг од Локалните избори преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.
Обвинителството информира дека посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
За таа цел, во текот на изборниот ден на вториот круг од локалните избори, во недела, 31 октомври , ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства. Комисијата ќе го следи процесот на гласање во процес на меѓусебно координирано известување во сите општини каде има втор круг од изборите. Обвинителствата, итно и со приоритет ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување, се додава во соопштението.
Јавното обвинителство потсетува дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок или пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.












