Јорданска хуманитарна организација утрово испрати 50 камиони со хуманитарна помош во Појасот Газа, јави официјалната јорданска новинска агенција Петра.
Според агенцијата, камионите превезуваат прехранбени производи, главно брашно.
На снимките споделени на социјалните мрежи се гледа колона камиони кои се движат по копнен пат од Јордан, преку територијата на Израел, кон Газа, појаснува израелскиот весник. Сепак, се додава дека засега не е потврдено дали камионите веќе влегле на територијата на Појасот Газа.
Кон крајот на минатата недела, Европската Унија соопшти дека е постигнат договор за повторно отворање на повеќе хуманитарни коридори, вклучувајќи патишта за испорака на помош преку Египет и Јордан, како и неколку премини на северот и југот на Газа, пренесе МИА.