Во најголемиот суд во Хрватска – Општинскиот граѓански суд (ОГС) во Загреб, сериозно врие, пишува Јутарњи лист, посочувајќи дека судот е потресен од незадоволство што „може да доведе до штрајк“.
Притиснати од барањата на хрватското Министерство за правда и администрација коe ги зголеми нормите, новиот систем на плати според кој нивните примања ќе бидат помали отколку на советник во Врховниот суд, катастрофалните услови за работа и со се помалку вработени, кои го вршат техничкиот дел од работата, судиите се со расположение дека утре може да доведе до штрајк, пишува Јутарњи лист.
Изнемоштени се, на работ на нервите, а особено им пречи начинот на кој од нив се бара уште поголема ефикасност, чувствуваат дека Министерството им се заканува со дисциплински постапки, дека ги заплашува, а ова е токму причината поради која не се тивки, пишува Јутарњи. Од неформалните разговори со загрепските судии се дознаваат клучните причини за незадоволство, а платите се на претпоследно место.
На прво место е софтверот на системот еСпис во кој работат судиите. „Судијата мора да исполни норма, а како може да ја исполни ако од 220 работни дена што ги има судијата, еСпис не работи 60 дена!?“ прашува еден од соговорниците на Јутарњи лист.
Весникот побара и точни податоци за тоа колку време не е во функција еСпис, но портпаролот на ОГС, судијата Иван Борковиќ, вели дека ги немаат. „Точно е дека системот еСпис повремено не работи или работи бавно, што исто така ја успорува работата на судиите, меѓутоа, немаме информации за точниот број часови/денови во текот на годината што еСпис не работел како што треба, со оглед на тоа што најчесто се работи за прекин или успорување на системот во траење од помалку од еден час до неколку часа по ред, рече тој и упати до Министерството.
Од Министерството, пак, тврдат дека застојот во работата на системот еСпис е од краткотраен карактер, дека се решаваат навремено и не се одлучувачки фактор за исполнување на судската норма. Во прилог го истакнуваат фактот дека во првите девет месеци исполнувањето на нормата од страна на судиите на ОГС во Загреб е во просек 93 проценти.
Друга работа што судиите веќе не можат да ја поднесат се условите за работа. „Работиме на градилиште, а за неодамнешното врнежливо време во судската канцеларија беше осум степени. Што ќе се случува во зима?! опишува еден од судиите.












