На списокот на јавни набавки на Државната изборна комисија за референдумот наведена е потребата од измена и надградба на софтвер за интегриран информатички систем за управување со процесите на референдумот, софтверот за случаен избор на изборни органи и друга информатичка опрема.
За потсетување, најголемата инвестиција што ДИК ја направи во периодот 2016-2017 година е софтверската надградба чија цена изнесува 4.298.400 денари (69.892 евра) активирана непосредно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година.
Но, износот од 16.533.705 денари (268.840 евра) за набавка на фотелји, конференциска маса, метални ормани и сеф, греалки, клими, мобилни апарати, компјутери, екстерни хард-дискови, принтери, софтвери и систем за озвучување за 2016-2017 година, оваа година специјално за потребите на референдумот ќе се зголеми.
Не се знае колку точно, но онолку колку што чинат 5 парчиња метални ормани за доверлив материјал, 20 парчиња канцелариски столици и 4 клима уреди со монтажа.
Прашањето е каде до сега го чувале доверливиот материјал? Колку материјал е во прашање кога не ги собира во претходно набавените орманчиња и под какво обезбедување се чува? За кого точно се наменети 20 столчиња и како е можно да направат претходно таков пропуст со 4 канцеларии без клими?
Kолку новото софтверско решение ќе придонесе до пристоен Избирачки список, со претпоставка дека ќе чини повеќе, со оглед дека претходното не даде никакви резултати?
Јавната набавка е за потребите на Референдумот. Што ќе се случи со овие столчиња, клими…. кога ќе се заврши Референдумот?
Можеби звучи наивно, но воопшто не е така. Секој потрошен денар се пари земени од граѓаните.
Улогата на ДИК во заштита на гласачкото право е енормна, но истовремено таа е и најголемото потфрлување во изборните процеси. Транспарентното трошење на јавни пари е еден од најбитните фактори доколку оваа институција има намера да ја врати довербата кај граѓанките и граѓаните.
Или ако веќе граѓаните се оштетени со одземено право на глас, со фантоми и починати лица, барем да не бидат и ограбени.
Б. Јордановска