Кампањата за претстојните парламентарни избори во април официјално сè уште не е започната, но, „главните“ две политички партии неофицијално ја водат таа битка, кој ќе успее да го убеди народот дека е во право и кој се бори за „вистинската правда“.
Минатата недела, владејачката СДСМ, организираше марш, со кој, како што го нарекоа самите, се бореа за правна држава.
Мотото на маршот на СДСМ беше „Чекориме за правда“, започна од Собранието и беше најавен по усвојувањето на Законот за ЈО, кој како што изјавија тогаш, е темел на реформите во судството.
Заев успеа да ги мобилизира и обедини сите пратенички групи и парламентарни партии во Собранието, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, која остана осамена во тврдењето дека предложениот Закон за јавно обвинителство не е во интерес на правдата и реформите во правосудството.
ВМРО-ДПМНЕ тргна по истиот пат, денеска ќе организира марш со кој ги повикува „сите граѓани кои не сакаат криминалот да продолжи да царува, да им се приклучат“.
Каде води маршот за правда?
Малку е нелогично оние кои баш ја донесоа правдата на дното во државата, да се обидуваат сега да ја враќаат или зачувуваат.
На крајот, останува да видиме дали самите политички партии со овие маршеви ќе успеат да ја вратат довербата во правдата кај граѓаните или ќе им служи само за добивање на политички поени.