Од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Упорноста на Зоран Заев со Преспанскиот и посветеност во решавањето на деценискиот горлив проблем како за земјава така и за регионот, па и за глобалните стратегиски интереси, му донесе голема меѓународна популарност и безрезервна поддршка. Но цената, политичката цена што тој ја плаќаше дома и што уште ја плаќа, е висока. Гледано од изборен агол, дури и ризично превисока.
И неопределените, мнозинството граѓани кои на сите избори партиските актери ги промовира или ги симнува од власт, сега ја воспеваат неговите победа добиена во војната за високата меѓународна позиција на државата. Но, во исто време, тоа исто тивко граѓанско мнозинство повеќе не е во состојба толку многу да простува за домашните егзистенцијални стагнирање. Тоа исто тивко мнозинство со чија помош Заев го струполи режимот, се погласно и побучно негодуваше за зачестените афери, за режимскиот континуитет на тендерските местенки, за фондовските манипулации, за директорските луксузирања, за непотизмот и партиските вработувања и за заткулисните неинституционални коалициски калкулации.
Во таа насока фактите од теренот не се во прилог за премногу безбедни избори на пролет. Па сепак тој е партиски водач со највисок рејтинг. Аналогно на тоа, очекувано и партијата да се прошлепа преку него и пред гласачите во април. Изборите за него се и добра можност да расчисти со тие на кои им даде шанса, а кои функциите си ги разбраа како лични биртии. На двапати се фати за метлата ама не запавта. Ги остави партиските клиентелисти да му го нагризуваат рејтингот со тоа и партискиот.
Изборите му се трета шанса да расчисти со сите што ги злоупотребуваа привилегиите на државните позиции на сите нивоа. Нивните ликови во партијата добро ги знаат. Освен ако пак молкот и меѓусебното прикривање, отсуството на внатре партиската демократска гласност, не си ги остават како само казнување за априлските изборите.
Времето минува брзо, парламентарните се ближат. Не дека на политичките конкуренти им цветаат рози, но луѓето едноставно се се` по незадоволни за власта изборите да ги дочека поспокојно. Зоран Заев е политичкиот херој на ова време. За Алијансата победи. Колатералната штета се урнисувањето на правниот систем и непочнатите реформи во сите области. Сега сме веќе на теренот на Унијата. Најтешките натпревари се токму тука. Во политичка смисла луѓето сме како публиката на трибините. Брзо се забораваат погодоците, стивнуваат аплаузите и веќе на првото промашување ечат свирежите. Инерцијата го совлада овој кадровски состав. Привилегиите достапни од позициите на власт го подзаспаа бројниот владин реформски тим.
За надвор Зоран Заев заврши маестрална работа. За дома има само уште една шанса. Макар дури сега предизборно, конечно да запафта со неговата кадровска метла.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.