Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека се очекува системот „Безбеден град“ да биде имплементиран на целата територија на државата до јуни–јули идната година, а до крајот на 2026 година тој да функционира како целосно паметен систем во секој град.
Според Тошковски, македонските граѓани заслужуваат еднакви безбедносни стандарди – без разлика дали живеат во Тетово, Скопје, Берово, Делчево, Струга или Охрид. Целта, како што нагласи, е воведување паметно решение што ќе ја следи европската стратегија „нула жртви“, односно до 2050 година да нема човечки жртви како последица од непочитување на сообраќајните правила.
Изјавата беше дадена како одговор на новинарско прашање на денешната промоција на фотоволтаична централа поставена во Центарот за обука на МВР, донација од компанијата ОКТА.
Министерот потсети и дека тест-периодот за регистрирање прекршоци преку системот „Безбеден град“ ќе трае до 1 февруари 2026 година.












































