Графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, во 2017 година, во преполната Национална галерија Чифте амам ја промовираше книгата „Гуш и Бац“ со измислени 47 зборови на неговата ќерка Ерато, чија дијагноза е аутистичен спектар на нарушување, преведени на 19 јазици, како и 47 илустрации на нејзините зборови создадени од 33 креативци.
„2-ри април е светски ден за подигнување на свеста и прифаќањето на децата/лицата со аутизам. За мене и моето семејство како и за семејствата што живеат со оваа состојба, секој ден е ден на аутизмот. Секој ден за нас е борба со предрасудите и дискриминацијата. Во нашето општество се’ уште постои стигма и ниска развиена свест за прифаќање на различните по било кој основ. Родителите на децата со аутизам имаат проблеми да ги вклучат своите деца во образовниот процес почнувајќи од најмалата возраст односно од градинка па нагоре. Системот не е спремен за целосна инклузија. Последните години се прават чекори и има подобрувања во таа сфера, но се’ уште сме далеку од потребното ниво. Родителите стареат, децата растат и секогаш постои најделикатното прашање што со нашите деца после нас? Како и да е, нас нашата ќерка внесувајќи не во нејзиниот свет не направи подобри луѓе. Светото на лицата со аутизам е свет без предрасуди, злоба, лицемерие. Тоа е свет со чиста и искрена љубов. Мислам дека ние треба да учиме од нив, а не они од нас“ изјави Кардула за ЦИВИЛ.
И. Крџиќ