Хаштагот и слоганот на Беса е #PËRNJËJETËTËRE (за еден нов живот). Од живот за сите, до нова ера, ете, слоганот може да биде и обединувачки, на некој начин.
„Ќе го претвориме Чаир од гето во развиена општина“ – заклучи Биљал Касами, лидерот на Беса на последниот предизборен митинг, кој заврши пет минути пред закажаниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ. На говорницата се слушнаа програмските определби, „филозофијата на Беса“ која го подразбира исламот и исламските вредности, како дел од таа филозофија.
Митингот, кој започна со интонирање на албанската химна, се одржа на платото пред трговскиот комплекс „Чаирчанка“ во присуство на околу 1.500 поддржувачи на оваа партија. Од говорницата се изнесоа многу критики на сметка на владеењето на ДУИ, како и за длабоките поделби меѓу Албанците. Зеќирија Ибрахими, кандидатот за градоначалник на Чаир говореше за политичките состојби и дискриминацијата врз Албанците, но и за неговите замисли како би ја водел општината како нејзин градоначалник. Порано денеска, тој на прес конференција го обвини кандидатот на, како што го нарече, СДСМ-ДУИ дека ја нарушува неговата приватност.
Набљудувачот на ЦИВИЛ известува дека неколку жители на општина Чаир, симпатизери на Беса, изјавиле дека не се осмелуваат да одат на митингот, поради страв од политички притисок, бидејќи се вработени во администрацијата или во јавните претпријатија под контрола на владејачката ДУИ.
Централниот митинг на Беса се одржува во Тетово, во 21:30 часот.
Џ.Д.