Во Владата на Република Северна Македонија денеска се потпиша Договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце. Кординатор на проектот е вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Не е мала работа да се изградат цели два километри автопат, изградбата се планира да трае една и пол година.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, јасно им кажа на пратениците дека ЕУ бара од нас да го донесеме Законот за Јавно обвинителство. „Ако пораката на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е дека Законот за јавно обвинителство е многу важен за добивање на датум за преговори, тогаш политичките партии треба да ги надминат бариерите и да се договорат“, рече тој.
Во Собранието, пратениците ги изгласаа измените на Законот за Собрание, со кој Собранието добива поголема независност – независен буџет, самостојно обезбедување и поголема независност во вработувањето на администрцијата.
Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, ја повика техничката министерка Рахела Мизрахи на конструктивност и да работат заедно во интерес на граѓаните. Таа ги уверува граѓаните дека новата Техничка влада нема да има никакво влијание и нема да се одрази негативно врз нив и реформскиот процес. Сите права од областа на социјалната, детската заштита, социјалната заштита ќе продолжат да се исплаќаат редовно. Но, дали министерката Мирзахи ќе ја зграпчи подадената рака за соработка и ќе биде министерка на сите граѓан(к)и, или ќе продолжи со партиската задача и насоки, останува да видиме.
Продолжува подршката на нашата земја за отпочнување на преговорите со ЕУ. Амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ, која го претстави хрватското претседавање со ЕУ во наредните шест месеци, рече дека Хрватска, седум години по влезот во клубот на ЕУ, првпат го презема претседавањето и како најмлада членка има шанса да ја обликува европската политичка агенда. Таа нагласи дека секогаш можеме да сметаме на силна политичка поддршка од Хрватска на нашиот пат кон ЕУ. И лидерот на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук напиша дека единствената алтернатива на РС Македонија е ЕУ.
Дехран Муратов