На денешната собраниска Комисија за избори и именувања, покрај одлуките за нови раководни места на неколку институции, треба да се расправа и за избор на нови членови во Комисијата за заштита од дискриминација. Оваа институција е нефукнционална повеќе од 3 месеци, односно од средината на август, кога на екс – претседателот Александар Даштевски и другите членови им престана мандатот со донесувањето на новиот закон.
Доколку изборот на Комисијата дојде на дневен ред, очекувањата одат во насока на поништување на претходниот оглас што го објави Собранието на 11 јуни. Повторувањето на постапката би било поради пријавен мал број на кандидати, а дополнителен проблем е што нема доволно пријавени од останатите заедници, бидејќи законот предвидува Комисијата да биде мултиетничка.
Едно од сценаријата е доколку денеска се поништи огласот, наскоро да биде објавен нов, брифираат членови од собраниската Kомисија. Потоа, повторно ќе следува период од еден месец за времетраење на огласот. Ако огласот помине во најдобар ред, подоцна може повторно да се соочи со пречки, со оглед на тоа што ќе влезе во период на техничка влада пред избори.
При изборот на првиот состав на Комисијата, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, четири члена се избираат со мандат од пет години, а три члена со мандат од три години, со право на еден повторен избор.
Последниот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација честопати беше критикуван од невладините организации, но имаше и сериозни забелешки во извештаите на Европската комисија дека членовите на ова тело решаваат пристрасно.
П. Клинчарски