Новинарот Томислав Кежаровски на Фејсбук му одговори на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски кој во вчерашното негово обраќање од собраниска говорница го спомнал него и неговиот случај…
– Господине Николовски,
Можеби мене мојата добрина скапо ме чинеше и ќе ме чини, но Вас, Вашето зло ќе ве чини повеќе, Ве уверувам. Сум видел убави денови но, исто така и лоши. Немам можеби сè што сакам, но имам сè што ми треба.
Благодарение на Вас и Вашите, понекогаш не спијам со денови и со ноќи. Понекогаш се будам со болка во душата за се поминато во затворот. Но, се будам за да живеам, за да стасам до правдата, до вистината. И не сум многу далеку од нив…
Стрпете се уште малку, во втората книга (Патот до вистината) сè ќе прочитате. И многу работи ќе ви станат појасни.
Животот, господине Николовски, можеби не ми е совршен, ама ми е благословен. Тешкиот живот ќе го намачи човека, ама и ќе го научи… никому да не му се потсмева, никому да не му се суди, никому да не му се прави зло, никому да не му се одмага, а секому да му се помага. Јас помагав, ве уверувам…
И, на крај на ова мое обраќање до Вас, пратенику Николовски, ќе Ви кажам едно нешто: „Рацете извалкани од работа мирисаат на достоинство“.
Ако ве служи сетилото за мирис, допрете си ги рацете до носот и кажете ми што чувствувате, на што мирисаат Вашите?
Херман Хесе вели: „Херој е оној кој има храброст за својата судбина“…