Кога некој сака да манипулира, става кожни гаќи, поточно, прашалници на секоја манипулантска реченица. Најчевска:
„Доколку ги внесеме Бугарите во Уставот на државата дали тоа ќе значи:
- Дека Бугарите од Македонија ќе ги препознаеме како луѓе кои со генерации се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија?
- Дека Бугарите во Македонија ќе ги препознаеме како луѓе кои работеле и работат во согласност со правните одлуки наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ…?”
„…Или ќе го негираме минатото…?”
Она „…ќе ги препознаеме како луѓе кои…” прави манипулантска празнотија на речениците. Ништо не значи „ќе ги препознаеме” во контекстот. Изгледа треба да прочитаме „Ќе бидат признаени” , ама тоа е баш невистина.
Таа е професор што одлично го разбира Уставот и убаво си знае дека одговорот на овие прашања е НЕ, кој и да е хушкачкиот глагол, во било кое лице еднина или множина. НЕ е одговорот и на „или”-то на крај.
Прашално поставени реченици, во форма – „педагошки” сугестивни, а во суштина – ментално ѓубре, оти и сама знае дека ниеден од деловите од народи не се „препознаваат” како основачки, туку како содржувачки во Македонија.
Уште повеќе, ако сакаме македонскиот народ во Уставот да има најсилно можно „препознавање” (со нејзиниот речник), тогаш треба да се стремиме што повеќе делови од народи да бидат внесени.
„Граѓанскоста” на Уставот што ја посакуваме сите, се постигнува во моментот кога во делот каде што се набројуваат делови од народи, ќе се именуваат сите народи во светот. Јасно е што значи тоа – кога сите се именувани, тогаш се гасат сите можни националистички манипулации. Едно множество најдобро ќе го дефинираш ако му ги дефинираш сите подмножества.
Ова прашално „составче” на професорката, премногу ме потсеќа на дел од едно Хитлерово „говорче” од 1939 г. во виткањето на „аргументите”, само што тој таму се вади на простор, пари и проблеми од претходната војна (и тоа, без прашални реченици), а таа прави фусили и јуфки од АСНОМ.
Ако е ова оверфитинг однапред се извинувам, прифаќам дека не можам органски да поднесам национализам и дискриминации, што знам дека ме турка кон нетолеранција, но ако толерираме (внеси негативност), како ќе се избори позитивноста?
ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Текстот е личен став на Авторката.
Извор: Фронтлајн