Комисијата за селекција на кандидати за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на пладне ќе одржи работна средба во Собранието на Република Македонија.
На огласот за кандидати за претседател и членови на ДКСК, според последните информации од Собранието, се пријавиле 78 кандидати. Работната средба на Комисијата за селекција е во функција на почнување на самата постапка за избор на конечниот состав на ДКСК.
Јавноста ќе има увид како тече изборот на кандидатите, бидејќи по завршување на селекцијата на оние кандидати што ги исполнуваат условите, интервјуата ќе одат во живо на МРТВ и треба да завршат во рок од 5 дена.
И покрај високите критериуми за влез во ДКСК, оние што ќе седнат на „жешките“ столчиња, се очекува да ги оправдаат платите што ќе ги добиваат. Новиот Закон за антикорупција предвидува околу 1.500 евра плата за претседателот и околу 1.300 евра за членовите на ДКСК.
ДКСК, според ветувањата на Владата, треба да биде формирана до 8 февруари, кога се предвидува распишување на претседателските избори.
Македонија останува земја со висок степен на коруптивност во регионот. Според Индекс за перцепција на корупцијата во 2018 година што го објави Транспаренси Интернешнл, Македонија се наоѓа на 93 место.
Со решавање на спорот со името преку ратификација на Преспанскиот договор, како еден чекор поблиску за влез во ЕУ, очекувањата се власта да оди чекор подалеку со намалување на степенот на корупција во државата. Решавањето на ДКСК е еден од начините, но како што изјави и Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на ЕК, за крајната оценка за постигнатите резултати на земјата во евроатлансиките процеси, многу битен фактор ќе биде и справувањето со корупцијата.
Или со други зборови, Даниелсон предупреди дека ЕУ има нулта толеранција кон корупцијата.
Б. Ј.