Референдумот се поставува како најважно политичко прашање во моментот во Македонија околу кое се води прилично жестока битка. Инволвираните страни или страна, затоа што се работи за целата земја и сите нејзини жители, сама со себе се бори на три фронта.
За, против или бојкот на Договорот со Грција за името.
Но, додека делот кој влече кон бојкот упорно тврди дека сѐ што носи спогодбата во Договорот води кон пропаст, за и против, политичкиот конфликт на интереси го решаваат со заемно препукување.
СДСМ, или ЗА, обвинува дека ПРОТИВ или ВМРО –ДПМНЕ нема никаков став за иднината на сите граѓани вклучувајќи ги оној дел што бојкотира.
Според нив нејасно е зошто некој што 10 години на секои избори во својата програма секогаш како клучно прашање им било името, а сега кога конечно има расплет на состојбата тие заплеткуваат и не знаат што сакаат.
„Време е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ конечно да кажат за што се и да се изјаснат за референдумот. Ако е за иднина на Македонија во НАТО и ЕУ треба да ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина. Во спротивно, Мицкоски ќе покаже дека лаже и дека всушност е за одбрана на криминалот на неговиот претходник, за изолација, назадување и неизвесност“, велат од СДСМ.
Но, ВМРО –ДПМНЕ не се согласува дека нема став. Тие дефинитивно имаат став дека СДСМ пишува стерилни соопштенија и дека СДСМ не ја носи Македонија во ЕУ и НАТО, туку целосно се откажува од идентитетот, националните и државни интереси. И овој став го поткрепуваат со разочареноста на граѓаните што ќе му пресудат на Зора Заев и СДСМ.
Зошто?
„Парите на граѓаните од државната каса се излеваат и претураат во џебовите на власта преку „криминални иновации” и „крвави тендери”. СДСМ понуди енормни задолжувања, смртоносна економија и некомпетентни политики кои ја осиромашија државата. Со ваква „политика“ на власта во ЕУ и НАТО не се оди“, ете затоа, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до бојкотирачите тие си водат своја кампања и ја користат дијаспората како адут за успешна одбрана на сѐ македонското во Македонија. Сѐ останато и така ги третираат како непожелни гости што заседнале, па се заборавиле.
Б. Јордановска